Владо Јаневски и Бајага со неговиот бенд „Инструктори“ ќе одржат заеднички концерт во салата „Борис Трајковски“ во Скопје за денот на љубовта и виното на 14 февруари, објави „Авалон“. Од продукцијата велат дека концертот ќе трае четири часа и ќе се пеат само хитови.

Бајага и Владо веднаш ја прифатија оваа идеја, со големо задоволство и почит за другиот. Вечерта ќе ја отвори Владо Јаневски со целовечерен настап со својот бенд, а потоа продолжуваат Бајага и „Инструктори“, исто со целовечерен концерт, рече на денешната прес конференција Бобан Милошевски, кој посочи дека до оваа соработка дошло откако решиле да го одржат откажаниот концерт на Владо Јаневски, а со Бајага една година договарале настап и сакале да направат нешто поголемо од концерт-40 хитови во една вечер.

Првата средба била на иницијатива на Владо Јаневски кога правел прв самостоен албум побарал песна од Бајага.

Му посакувам добро дојде на Бајага со кого се знаеме пола живот, генерациски сме блиски, секогаш сме имале добра комуникација, сум бил гостин на негови концерти и знам како изгледа да стоиш на бина со него и сосема ми беше природно да прифатам за имаме заеднички концерт, рече Јаневски.

За Бајага е добра можност на денот на вљубените да се одржи голем концерт кој долго ќе трае.

На концертот планираме најмалку 40 песни и се радувам што ќе свириме бидејќе сеуште прославувам 40 години на сцена, а по тој повод не сум бил во Скопје, рече Бајага.

Не подготвиле заедничка песна, Јаневски рече дека на почетокот на кариерата ја препеал „Твоје очи“ и била една од главните балади на неговите настапи, а потоа му ја напишал „Ајде води ме“ кога му требал сингл за во Хрватска.

Имаме допирни точки, но допрва треба да седнеме да видиме што имаме заедничко за да направиме некакво изненадување за публиката, рече Јаневски.

Бајага вели дека до 14 февруари има време да смислат нешто, но посочи дека нема да изведуваат само балади и се потсети на својата прва турнеја која била токму во Македонија.

Многу пати сум гостувал во Скопје, ако кажам 100 пати е многу, а 50 е малку. Во 1978 година кога дојдов со „Рибља чорба“ првата турнеја беше низ Македонија и настапивме во многу градови. А бевме и патечки бенд на настапите на  Драган Мијалковски кога настапуваше, се присети Бајага и запеа „Ако треба драга, стопи ме од тага…“