Младата македонска фудбалерка Меланија Грозданова која настапува за ЖФК Љуботен во иднина може да ја продолжи фудбалската кариера во италијанскиот фудбалски гигант Јувентус. Интересот за 16-годишна фудбалерка се смета дека е поради нејзиното стандардно место во првиот тим на репрезентацијата, пласманот во А-дивизија со У-19 како и значајната ефикасност со осум голови досега за ЖФК Љуботен и 12 погодоци претходната сезона за ЖФК Истатов.

– Јувентус е еден голем клуб на светско ниво, Италија е одлична држава, многу ми се допаѓа. Да бидам под нивна „лупа“ и „таргет“ на Јувентус за мене е мотив плус за да работам и тренирам уште повеќе, мојот фокус е на тоа. Моите родители заедно со мојот менаџер Дарко Мариќ (ДМ Менаџмент) се грижат околу сè останато. Ќе видиме, чувството е прекрасно, изјави Меланија Грозданова на прашањата од МИА.
За Меланија пишува и Руди Галети, италијански спортски новинар со фокус на трансферите во овој спорт. Тој во текст посветен на Меланија вели дека нејзиниот напредок е толку импресивен што многумина ја гледаат како најголемото чудо од дете што го има произведено нејзината земја.
– Нејзиниот експлозивен стил на крило, во комбинација со нејзината самодоверба и физичко присуство, природно привлече споредби со Кристијано Роналдо. Дури и нејзините прослави на голови одразуваат слична харизма и амбиција. Висока, технички вешта и веќе покажувајќи менталитет на врвен играч. Јувентус внимателно ја следи и верува дека таа би можела совршено да се вклопи во нивниот долгорочен проект, потенцијално станувајќи идна ѕвезда во црно-белиот дрес, Грозданова ги има сите квалитети да стане големо име во европскиот фудбал, пишува Галети на неговиот веб-сајт.

Девојката која на 27 декември ќе наполни 17 години, со фудбал почнала да се занимава во фудбалската Школа „Кул“, каде што до нејзината 13 година тренирала и играла со момчиња и била единственото девојче во детската лига на Македонија. Следуваат две години во ЖФК Скопје и минатата сезона во ЖФК Истатов, по што од годинава е дел од шампионскиот тим на тетовски ЖФК Љуботен.
– Интересот на шампионот ЖФК Љуботен беше непрекинат изминатите години, но јас проценив дека токму сега сум зрела да преминам во еден шампионски тим и да се носам со тој товар. За мене претставува голема чест што сум во трикратниот шампион на Македонија, Љуботен е голем клуб во нашата држава, можам да кажам брзо се вклопив во тимот, благодарение на моите соиграчи. Сакам победи до тимот, сакам да асистирам голови и секако да давам што повеќе во интерес за клубот, вели таа за МИА.
Нејзин фудбалски идол е Кристијано Роналдо, за кого вели дека засекогаш ќе и биде инспирација и совршен пример за врвен спортист, на кого сака да се огледува. Од женските фудбалерки идол и е Алиша Леман.







Comments are closed for this post.