Градоначалникот на Општина Карпош во заминување Стевче Јакимовски денеска на прес-конференција изјави дека четири години и три дена по преземањето ја остава општината со 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, судски пресуди кои уредно се сервисираат.

– До денес Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари. Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход. Она што е најважно, приходите на општината се качени во четиригодишен мандат кој важи за период на дезинвестирање, рече Јакимовски.

На прес-конференцијата тој кажа дека во моментот во Карпош се гради само една висококатница и два објекта во Момин Поток и три помали објекти од пет ката.

– За разлика од нас, има општини во кои во моментот се градат над 80 станбени згради повисоки од шест ката. Ова само покажува колку сме биле вешти во менаџирањето на приходите и како општина Карпош, со покачување на даночните приходи успеа да ја стабилизира општината и од истата да направи самоодржлив проект, рече Јакимовски.

Како што кажа на 4 ноември 2021 година не наследил ниту еден сериозен инфраструктурен проект, а денес на 7 ноември остава 4 проекти во тек, 12 проекти за кои се склучени договори и воведени во работа и фирмите воведени во работа,  4 проекти за кои течат тендерски постапки и уште 6 проекти одобрени од Владата со вкупна вредност над 9,5 милиони евра. Покрај ова, во фаза на изработка, нарачани се уште 10 инфраструктурни проекти, меѓу кои и катна гаража за Карпош 1.

На 4 ноември, 2021 година, кога стапил на функцијата од неговиот претходник наследил 330 милиони денари блокирана сметка и уште една блокада од УЈП на 39 милиони денари, или вкупна блокада на 369 милиони денари.

– Да потсетам, Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони, или толку биле вкупните приходи, рече Јакимовски на неговата последна прес-конференција како градоначалник на Карпош.