Руската нафтена компанија Лукоил ги продава своите меѓународни средства на „Гунвор“, во сопственост на шведскиот милијардер Торбјорн Тернквист, објави „Лукоил“. Трансакцијата сè уште е предмет на исполнување на одредени услови.

Порано оваа недела, „Лукоил“ објави дека започнал преговори со потенцијални купувачи на меѓународни средства, откако новите санкции на САД ѝ го отежнаа работењето на компанијата надвор од Русија.

„Лукоил“ има интереси во нафтени и гасни проекти во единаесет земји надвор од Русија. После тоа, наводно, „Гунвор“ доставил понуда за тие средства, која „Лукоил“ ја прифатил.

Групата за трговија со нафта „Гунвор“, предводена и во мнозинска сопственост на шведскиот милијардер Торбјорн Тернквист, е еден од најголемите светски играчи во трговијата со нафтени деривати.