Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората, а тоа ќе го сториме преку набрзо формирање на советот за дијаспора, со регистар на луѓето, им порача претседателката Сиљановска – Давкова на македонските иселеници во Детроит при посетата на црквата „Света Богородица“.

– Посакувам да бидеме во постојана врска, бидејќи во светот има едно семејство што се вика македонско, а знам дека во животот се може да смените само татковината не, истакна претседателката.

Таа укажа на фактот дека нашите луѓе можат да се натпреваруваат каде било, па и во најкомпетитивната Америка.

– И затоа замислувам дека многу би значело да си ги задржиме врските. Вие не секогаш сте заминале од дома заради натпревар, многупати и поради лошите услови дома, поради неможноста најдобрите да се најдат на највисоките позиции, некогаш и заради кариерата,  но сето тоа е пакт, рече Сиљановска – Давкова.

Таа раскажа дека за време на престојот во САД имала можност да сретне многу успешни бизнисмени како и што е тоа што и се допаѓа кај нив. – Кога ќе чуете луѓе како Крис Павлоски, на пример, којшто вели дека „Рамбл“ му е многу важен, ама сака неговиот син да знае да игра оро и го учи на тоа дека е Македонец, тоа ми влева надеж. Кога Мајк Зафировски летово побара со голема група луѓе да ме посети и тоа ми дава надеж дека ние ќе продолжиме заедно, рече Сиљановска – Давкова.

Споменувајќи дека софрата подготвена од нашинците во црквата во Детроит со традиционални македонски јадења ја потсетила на детството, рече дека тоа  е нешто што овие луѓе, во битката да го задржат неменливото на татковината и што го пренесуваат на своите деца значи дека на тој начин опстојуваме.

– Значи, каде и да сме ние тоа во нас македонското нема да го изгубиме. Неслучајно сме тоа што сме. Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца ако сакаме да опстоиме, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.

Во однос на македонскиот јазик како наследство, таа посочи дека за нејзиниот говор во Обединетите нации, не само поради тезите, веројатно и поради мелодичноста на јазикот, многумина и кажале  дека звучел како песна.

– Тоа ми го потврди и претседателот на Светското лингвистичко здружение пред многу години. Ова ми се повтори затоа што и овде ги чув прекрасните наши дијалекти. Тоа е нешто што сме го наследиле, тоа е нешто што не прави посебни, тоа е нешто без што нема идентитет. Е, тоа јас се обидувам да им го објаснам на нашите европски пријатели, истакна Сиљановска – Давкова.

Таа појасни дека се обидува да им објасни дека ние не бараме никаков ексклузивен статус, дека ние бараме да бидеме третирани како сите други.

– Ние бараме да си ги почитуваат сопствените стандарди. Но, мислам дека е многу тешко, не велам неостварливо, рече Сиљановска – Давкова.

Се разбира, додаде таа, како што сите се горди на својот идентитет, на своите татковини, видов дека и вие сте. – Посакувам што почесто да се гледаме, да контактираме и да не ја заборавите татковината. Ви благодарам што се чувствувам како да сум дома, рече на крајот од обраќањето претседателката Сиљановска – Давкова пред иселениците.

Таа заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и македонската делегација присуствуваше и на литургијата во македонската црква во Детроит.

Отец Синиша Ристовски, по литургијата на која присуствуваше и  митрополитот Американско-канадски Методиј, рече дека „денеска сме сведоци на историски момент, момент кој ќе остане во нашите спомени, момент кој сведочи дека лидерството, храброста и посветеноста кон народот не се само зборови туку дела кои го градат патот кон светлина, правда и мир“.

– Вашето присуство е повеќе од чест, тоа е симбол на визија, мудрост и сила на решителноста. Вие носете одговорност која инспирира доверба, почит и надеж секоја ваша одлука, секоја ваша иницијатива и моќ да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите. Нека вашето лидерство биде симбол на достоинство, правда и духовна моќ, а вашата служба траен спомен на одговорност, почит и истрајност, порача отец Ристовски.

Претседателката го посети и неделното црковно училиште кое се наоѓа во дворот на црквата, а го посетуваат 120 деца на македонски јазик. – Денеска кога го видов тој прекрасен амбиент со дечиња со книги токму во дворот на црквата, во куќата, во домот на црквата, сигурна сум дека имаме шанса да опстоиме, истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.