Во седуммесечниот период (јануари – јули 2025 година) приходите од туристите достигнаа 12,2 милијарди евра и во споредба со периодот јануари – јули 2024 година, пристигнувањата на нерезидентни патници се зголемија за 2,6 проценти, а поврзаните приходи за 12,5 отсто, што претставува историски рекорд, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од Банката на Грција, на кои се осврна Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, за седум месеци земјата ја посетиле 18,5 милиони туристи, наспроти речиси 18 милиони лани.

Портпаролот на грчката Влада посочи дека само во јули приходите од туристите достигнале „рекордно високо ниво од над 4,5 милијарди евра“, а во споредба со истиот месец лани „пристигнувањата на туристи се зголемија за 6,4 отсто и приходите за 15 проценти“.

– Отпорноста и динамиката на грчкиот туризам, во особено нестабилна меѓународна средина, полна со геополитички и економски предизвици, го прави конкретниот сектор одлучувачки двигател на растот, истакна Маринакис.

Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.