Вицешампионот Силекс, третопласираниот минатата сезона во домашното првенство Работнички и освојувачот на македонскиот Куп, Вардар, денеска ги стартуваат квалификациите за пласман во групната фаза во Конференциската лига на УЕФА.
Силекс од 20 часот му гостува на црногорскиот претставник Дечиќ во Тузи, додека во истиот термин Работнички ќе му гостува на белоруски Торпедо – Белаз на неутрален терен во унгарскиот град Сомбатели во својот прв натпревар на европската сцена по пауза од седум години.
По седумгодишна пауза во европските купови се враќа и најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој вечерва од 20:30 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ја пречекува Ла Фиорита од Сан Марино.
Реванш натпреварите се закажани за идниот четврток.
Македонскиот првак Шкендија во вторникот одигра без голови против велшки ТНС на гостински терен во првиот натпревар од воведното квалификациско коло во Лигата на шампиони, пред реваншот идниот вторник на Aрената во Скопје.
Comments are closed for this post.