Берлин ќе се спротивстави на понатамошното проширување на Европската Унија, освен ако блокот не го откаже принципот на едногласност (ВЕТО). За ова се усогласиле конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите во договорот за коалициска влада постигнат пред една недела.

Во документот се истакнува дека приемот на шесте земји од Западен Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, и Србија), како и Украина и Молдавија е „важен“ и „во заеднички интерес“ и за кандидатите и за Унијата.

За да се заобиколи принципот на консензус, додека не се отфрли, можно решение е на земјите кои сакаат да се приклучат на ЕУ да им се отвори пристап до заедничкиот пазар без статус на полноправно членство.

Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со нејзиниот капацитет да апсорбира нови членки. Затоа, потребни ни се внатрешна консолидација и реформи на ЕУ, најдоцна со следното проширување, заради зајакнување на институциите, пишува во документот.

Коалициските партнери се залагаат за укинување на правото на вето и за другите одлуки за кои сега е неопходна едногласност во Советот на ЕУ.

Во документот со 140 страници само четири реченици се посветени на проширувањето на Унијата. Тие досега не привлекоа големо внимание, иако ќе бидат клучни за надворешната политика на Берлин во годините што доаѓаат. Ова означува промена во односот на Берлин кон проширувањето на ЕУ и јавно признание дека неможноста да се носат одлуки е главната пречка за прифаќање нови земји, забележува Михаел Мартенс за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Дури и напуштањето на принципот на едногласност се чини невозможно, бидејќи и за тоа е потребен едногласен став, забележува Мартенс. Тоа го знаеле претходните германски влади, но се плашеле да го отворат прашањето.