Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Фатих Туркменоглу денеска го потпишаа Договорот за инвестициски грант од 2, 4 милиони евра за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце. Договорот е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.

Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царина и инспекциски служби на Македонија и Србија, како и реновирање на постојните објекти во Табановце.  Исто така предвидена е изградба и на нова патна и комунална инфраструктура. Според планираната динамика, проектот треба да биде имплементиран за две години. Оваа година се очекува да се избере изведувачот и да почне изградбата на заедничката железничка станица со придружните објекти.

Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри заем од пет милиони евра и грант од 250 илјади евра.

Се работи за заеднички железнички премин помеѓу Македонија и Србија. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави зашто ќе имаме ONE STOP SHOP и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград за што се потребни секако напори од двете страни. Се работи за проект во вредност од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250 000 евра во делот на консултантски услуги и надзор. Сметаме дека еден од главните економски крвотоци на државата е токму Коридорот 10 што почнува на јужните пристаништа, Пиреа кај Атина и на солунското пристаниште и продолжува до Централна Европа, до државите како Унгарија, Австрија, Чешка и Словачка. Очекуваме да се забрза движењето на добра и стоки во двата правци и за увоз во Европа, но и за извоз од Европа. Ова ќе значи нови работни места, зголемена економска активност и секако побрз транзит на патници и стока низ нашата држава, што секако ќе ја направи уште поатрактивна, истакна вицепремиерот Николоски.