Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта во рамки на унгарско-македонскиот владин самит оствари средба со неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
По средбата, двајцата премиери одржаа прес-конференција на која Мицкоски посочи дека е потврдено високото ниво на односите кои што постојат помеѓу двете држави.
-Нашата стратешка цел како држава е да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна. Но исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата во која беше пред 20 години, е бесценето – односно, цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи зборуваме за билатеризација на процесот на преговори, а не на европеизација. Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен со голема поддршка од наша пријателска Унгарија и дека и ние како држава ќе почнеме да преговараме. Јас сум убеден дека многу скоро, доколку имаме можност да ги отпочнеме тие преговори на основа на вистински копенгахешки критериуми, да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека со Орбан разговарале и за целокупната поддршка која што Македонија ја добива од унгарската влада, вклучувајќи ја и финансиската помош.
-Средства кои што се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки. Практично, со тие средства ја модернизираме државата.Она што исто така е многу важно е дека на денешната владина седница стана збор за идна уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите меѓу себе, посебно министрите за внатрешни работи и за одбрана разговараа за идна можна воена соработка односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не вмрежување и настап на трети пазари, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека Орбан во минатото многу пати покажал и докажал дека е човек со интегритет.
-Докажа дека е човек со свои ставови, дека неговиот збор планини тежи за што ја има мојата неизмерна почит како човек кој често со своето однесување знае да инспирира. Му честитам за резултатите во полето на економијата, инвестициите и реализацијата на капиталните инвестиции во Унгарија, рече Мицкоски.
Comments are closed for this post.