Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави дека размислува за промена на државниот грб, но апсолутно не размислува за промена на македонската химна, ниту пак, како што кажа, му доаѓа на памет да влегува во таква дискусија.

-Химната е дефинирана во Законот, постои закон за знаме, грб, химна. Таа е дефинирана со закон, којшто е системски и е потребно двотретинско мнозинство. Исто така таа си е дефинирана со текст. Дали некој ќе одлучи како што вие велите, химната да ја емитува со текстот или без текстот, практично е одлука на организаторот. И често пати сум бил на настани во коишто се слуша само мелодијата, но да се менува текстот… мене не ми паѓа на памет да влегувам во било каква расправа за менување на текстот на химнаа, рече Мицкоски во вечерашното интервју во централниот дневник на АЛСАТ-М телевизија.

Мицкоски посочи дека ниту станало збор за таа тема на дискусија меѓу коалициските партнери, и ниту па ќе влегува во каква било расправа во која ќе се менува текст на химна.

Премиерот нагласи дека химната ја отсликува историската генеза на создавањето на оваа држава, додавајќи оти е многу погрешно гледањето на работите за тоа дека химната не ја отсликува мултиетничноста.

-Истото би го кажал и на коалициските партнери ако ме прашаат и за оваа тема. Тогаш влегуваме во една голема замка, тогаш ќе дадеме сто аргументи кои се спротивни на таа теза. Па дури ниту химната на Косово, ако така гледаме, не ја отсликува. Но тоа не е суштината. Суштината е дека оваа држава е создадена врз основа на некакви процеси што се случиле во минатото, што се прераскажани во текстот од химната и ние со тој текст искажуваме почит кон тие процеси, не поради етничката припадност, туку поради тоа што тие процеси и таа жртва во тие процеси се создала оваа држава. И тука нема Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци…, потенцира Мицкоски.