Борбата против затајувачите на данок ќе биде бескомпромисна. Праксата на објавување на листата на должници ќе продолжи, но ќе ја надополниме со објавување на лица со даночен рејтинг, односно позитивните примери, најавува директорката на УЈП Елена Петрова. Таа во интевјуто за „Република“ говори што затекнала во Управата за јавни приходи и во кој правец треба да се развива во иднина.

Повратот на „Мо јДДВ“ е нешто што најмногу ги интересира граѓаните. Дали има некои измени во спроведувањето на оваа мерка, во поглед на начинот на реализација, сумата на поврат?

Најнапред би сакала да појаснам дека не е започната исплатата на Мој ДДВ. Оваа информација беше погрешно пренесена. Исплатата ќе започне после ребалансот на Буџетот. Имено, средствата што во Буџетот за 2023 година биле испланирани од претходното раководство за исплата за Мој ДДВ во најголем дел се потрошени или, со други зборови кажано, не биле испланирани доволно средства за овие исплати за цела 2024 година, па треба да се обезбедат средства со ребалансот на Буџетот.

За прашањето дали ќе има измени во спроведувањето на оваа мерка до сега слушнавме појаснувања и од Премиерот и од Министерката за финансии, и тоа дека оваа мерка ќе остане и ќе се надгради со други исплати кон таргет групи на граѓани. Toa прашање не може да се адресира на УЈП, затоа што исплатата на буџетски средства на граѓаните врз основа на скенирање на фискални сметки преку систем Мој ДДВ по својата суштина е економско-социјална мерка. Што се однесува до даночниот аспект, даночниот карактер на оваа мерка е индиректен, преку очекувано влијание врз мотивацијата и свеста на граѓаните да бараат фискални сметки кога набавуваат разни добра и услуги и да вршат„притисок” врз продавачите да го регистрираат готовинскиот промет со што ја регистрираат и обврската за плаќање на ДДВ во државниот трезор.

Во однос на влијанието на оваа мерка од даночен аспект, дали е постигнато зголемено пријавување на готовинскиот промет, јавноста е доволно свесна дека нема дисциплина воиздавањето на фискални сметки. Очигледно е, ноторен факт е дека многу регистрирани трговци иугостители не издаваат фискални сметки, како и лица кои нерегистрирано вршат некаква дејност. Има и појави на издавање на сметки кои не се фискални и сл. Ова потврдува дека мерката Мој ДДВ од даночен аспект е далеку од најавата дека секој граѓанин ќе биде даночен инспектор и дека оваа мерка ќе помогне во сузбивањето на сивата економија, а непријавувањето на готовинскиот промет е една, но по обем најголема појавна форма на сивата економија.

Викенд без ДДВ е нешто што СДСМ го спроведе само еден викенд, но наиде на добар одзив кај граѓаните. Дали постои можност повторно да се реализира ваква акција?

Ова е во иста линија со претходното прашање. И мерката „Викенд без ДДВ” се реализираше преку скенирање на фискални сметки. Овие мерки се економско-социјални мерки.УЈП како даночен орган нема надлежност да креира политика за спроведување на вакви мерки.УЈП го хостира апликативниот софтвер за Мој ДДВ и дава услуги на граѓаните поврзани сокористењето на софтверот. Преку овој софтвер во УЈП се собираат податоците за скенираните фискални сметки и УЈП го менаџира процесот за исплата врз основа на собраните податоци.Ако или кога Владата преку надлежните министерства ќе донесе нови мерки кои ќе може да сеспроведуваат преку овој систем, УЈП ќе треба да прави соодветни прилагодувања и надградби на софтверот.При тоа мора да напоменам дека овој софтвер како технологија е напредно решение, смарт апликација. Во УЈП веќе разговараме за можноста за користење на овој софтвер за даночни цели, нови услуги на даночните обврзници.

Веднаш по стапувањето на функција, најавивте засилена борба со затајувачите на данок. Од сегашна ваша процена дали затајувањето на даноци е многу поголемо од она што претходната власт го претставуваше?

Токму така, највив бескомпромисна борба со појавите кои претставуваат неплаќање на данок, даночни затајувања и криминалните даночни измами.Во однос на процена колкаво е затајувањето, колкав е гапот, колку данок не е наплатен, првичните податоци со кои располагам говорат дека треба да затвориме повеќе „дупки” кои овозможуваат даночните приходи да не влезат во државниот трезор.

За собирање на даночните приходите во трезорот, во системот на самооданочување прв чекор е секој даночен обврзник да се регистрира, да го пресмета точно својот данок, да поднесе даночна пријава во законски рок и да го плати пресметаниот данок во законскиот рок. Да одиме по овој законски и логичен редослед. Надлежните служби во УЈП ми обезбедија податоци кои покажуваат дека над 2,500 даночни обврзници немаат поднесени даночни пријави за ДДВ за првите петмесеци од годината. Имаме над 800 даночни обврзници со неподнесени даночни биланси за 2023 година. За секој месец од почетокот на годината има над 5,000 работодавачи кои не поднеле месечна пресметка за интегрирана наплата. Тоа значи дека во тие случаи данокот (ДДВ, данок на добивка, данок на личен доход за плата) и придонесите не се пресметани, не се пријавени и не се платени.Друга индикација дека има данок или приходи што се губат и не влегуваат во државниот трезор ни покажува и самата структура на прометите што се прикажани во ДДВ пријавите. Ако ги сумираме податоците од сите ДДВ пријави и ги гледаме како една збирна пријава на ниво на цела држава, повеќе години наназад во таа вкупна пријава речиси секој месец имаме вишок

ДДВ за враќање/поврат, наместо ДДВ долг за плаќање. Тоа се нарекува негативен даночен ефект. Да го појасниме ова поедноставно. Во ДДВ пријавите во првиот дел се искажува реализираниот промет и ДДВ што се должи за тој промет, а во вториот дел се искажува влезниот промет, набавките за кои е платенДДВ.

Разликата меѓу ДДВ што се должи и платениот ДДВ за влезниот промет на крајот на месецот или кварталот е или разлика за доплата / долг, или повеќе платен ДДВ за поврат. Значи, повеќе години наназад, во сите региони и на ниво на цела држава, збирната даночна пријава покажува дека завршуваме со вишок ДДВ за поврат. Вишок ДДВ за поврат вообичаено имаат компаниите коиизвезуваат, компаниите кои се во инвестиции и сл. Но ако е ваква вкупната состојба на ниво на држава, тоа изгледа како нашата економија, нашето стопанство да не создава додадена вредност заоданочување.

Тоа е една сериозна индикација на која треба да се посвети значајно внимание, индикација и прашање дали прометите и данокот во ДДВ пријавите се пријавени точно и целосно, или имаме помалку пресметан, непријавен и неплатен ДДВ и помалку собраниданочни приходи во државниот трезор. Оваа информација особено треба да се земе во контекст на случувањата во блиското минато кога имаше злоупотреби и измами со ДДВ повратот иоштетување на буџетот.

Едноставно вкрстување на податоци во даночните биланси покажа дека има една група даночни обврзници кои во минатите години искористиле даночни олеснувања повеќе отколку што е можеле и со тоа платиле помалку данок на добивка.

Шеми за неплаќање на даночните обврски се прават и со злоупотреби во регулативата и процесите за регистрирање и дерегистрирање на компании и сл.

Очигледно е дека постојат „дупки” каде што се губат даночните приходи заради различни состојби кои претставуваат даночно избегнување и затајување преку непријавување или прикривање на приходи и промет, погрешно и извртено толкување и примена на регулативата,користење на празнини во регулативата и сл. И да се вратам на почеток, затоа најавив силна борба против сите вакви форми на даночно избегнување и даночни измами. УЈП мора да обезбеди рамноправни услови во кои чесните даночни обврзници нема да го носат товарот на полнење на државниот трезор за сметка на другите кои не го плаќаат својот данок. Оваа борба ќе вклучи различни мерки за зајакнување на програмата за даночната контрола, наплатата на заостанатите долгови исанкциите, сѐ до одговорност и казни за секој поединец што презема дејства со кои ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.

Какви други реформи се планираат во УЈП?

 

Мојата визија и план за УЈП се однесува за реформа во четири столбови или области: даночни приходи, даночни обврзници, даночни службеници и дигитализација. Сега е период кога треба да сеработи на Стратешки план за следниот тригодишен период 2025 – 2028 и таму ќе дадеме јасен приказ на визијата, реформскиот патоказ и проекти.

Може да издвојам неколку проекти кои веќе ги имаме најавено. Веќе формиравме проектен тим и почнавме работа за електронско издавање на уверенија. Со овој проект ќе обезбедиме процесот да обезбеди заштеда на време и трошоци кај даночните обврзници и во УЈП, исти стандарди во постапката во сите регионални дирекции и даночни одделенија, како и бесконтактна услуга. Ќе одиме чекор по чекор, односно едно по едно уверение.

Следно, формиравме проектен тим за унапредување на внатрешните процеси за ДДВ повратот. Ова ќе вклучи и автоматизација на чекори во работниот процес и зајакнување на внатрешнитеконтроли при регистрацијата за ДДВ и одобрување на ДДВ повратот, со цел за поголема заштита на даночните приходи од можни злоупотреби и поголема сигурност на даночните обврзници кои точно пријавуваат и побаруваат средства од вишокот влезен ДДВ.

Веќе го најавивме и проектот е-фактура. Ова ќе биде нова дигитална услуга која ќе го олесни деловното работење на компаниите, а од аспект на даночниот процес овој систем ќе обезбеди податоците за оданочивите промети да доаѓаат до УЈП во реално време и да имаме точно пресметани даночни обврски.

Дигитализацијата како глобална норма и стандард за модерна даночна администрација е предуслов за успешно работење. Колку УЈП е подготвено да се приклучи на овие современи барања и текови?

Дигитализацијата е голем реформски процес кој бара лидерство, голема посветеност, назначени ресурси и раздвојување на оваа реформа од приоритетите од тековното даночно работење. Воизминатите години УЈП потроши доста време, но не направи вистински исчекор да започне дигитализација согласно современите барања и можности. УЈП имаше и доста консултантска помош од меѓународните организации со цел да ја придвижи оваа реформа, дури и целосно подготвена документација – деловни спецификации, па сепак процесот остана да тапка во место.

Но, дигитализацијата во УЈП едноставно мора да почне да се случува, нема простор да се одложува, затоа што и самите даночни обврзници, и други страни со кои УЈП мора да биде поврзана, воведуваат нови дигитални технологии во своето работење. Никој нема да ја чека УЈП. Тука е и притисокот за искористување на финансиски средства од заем од Светска банка со кој се финансираат некои компоненти на новиот интегриран ИТ систем на УЈП.

Во УЈП постои Работно тело за имплементација на нов интегриран ИТ систем, кое е поврзано со исто такво Работно тело и Проектна канцеларија во Министерството за финансии. По моето назначување работиме на дневна основа со ова тело за да го „откочиме” процесот и активностите поврзани со реформата за дигитализација да започат да се одвиваат со дневно темпо и рутина.

Се најавува и дека се бара начин како да се оданочи производството во домашни услови, односно оние што произведуваат торти и колачи, изработувачите на накит, како и за лицата што поставуваат кафемати?

За овие дејности има законски начин на оданочување, односно т.н паушално оданочување на дејности од времен карактер.Но,очигледно затаиле некои механизми штом има толку многу неоданочени даночни обврзници.Прво ќе се оди кон информирање на даночните обврзници и нивните обврски.Паушалот ќе биде различен, ќе се прават пресметки, во зависност од местото каде што се врши дејноста, бројот на часови, односно сразмерно на приходите што може да се остварат од вршењето на дејноста-објаснува Петрова за „Република“.

Во таа наскока е и онлајн шопинот и оданочување на сите што продаваат производи преку Фејсбук и Инстаграм.

Сега сивата економија од пазарите и улиците се префрли на интернет и оваа област бара засилен фокус на УЈП преку информирање кои се нивните законски обврски а потоа и контроли.Како едно среднорочно решение за онлајн тровијата е планирано во рамките на системот за е-фактура да бидат приклучени сите тие продавачи преку законска обврска.Документите што ќе се издаваат за еден таков реализиран промет да бидат фискализирани, што значи дека пред да бидат издадени на купувачот да поминат низ системот на УЈП-открива Петрова за „Република“.

Дали УЈП има можности да имплементира многу посигурни системи за известување за даночните обврски и е-услуги?

Кога зборуваме за посигурни системи за известување и е-услуги мислиме на нови дигитални солуции, како на пример систем за е-фактура, е-плаќање, е-издавање на документи, кои ќе овозможат поврзаност и комуницирање на УЈП со „природните” системи на даночните обврзници и преземање на трансакции, односно, процесите на оданочување и известување до УЈП ќе се преместат во системите на даночните обврзници како вграден дел од нивното бизнис работење.Пресметувањето на даночните обврски на некој начин ќе биде интегрирано во самото деловно работење, во системите на даночните обврзници кои ќе бидат поврзани со УЈП.

Ваквите нови дигитални солуции ќе ги вклучуваат во себе правилата за пресметување на данокот и тоа ќе биде гаранција дека данокот ќе биде пресметан точно, во точен износ, а известувањето до УЈП ќе се случи во реално време, тогаш кога настанува оданочивиот промет, или приход.Вакви нови редизајнирани процеси за пресметување на даночните обврски и пријавување или известување до УЈП треба да бидат придобивка од дигитализацијата на УЈП.

Дали ќе продолжите со праксата за објавување на листите на должници и дали според вас тие листи се зголемуваат или намалуваат, односно дали јавното објавување на даночните должници има некој ефект врз намалување на нивниот број?

Оваа пракса ќе продолжи, но и ќе ја надополниме со објавување на даночен рејтинг, со што ќе ги промовираме и позитивните обрасци (примери) за усогласено даночно однесување.За ефектот од објавата врз намалување на бројот на должници, ако мислите на тоа дали некој должник го „расчистува” долгот по основ на даноци под притисок на јавната објава, сметам дека кај нас сеуште нема таков даночен морал. Бидејќи работев во функцијата наплата на долгови, можам да кажам дека има должници кои навистина навлегле во некои деловни потешкотии и изнаоѓаат модуси за плаќање на даночниот долг за да можат нормално да ја вршат својата стопанска дејност, но има и такви кои попрво се насочени кон тоа деловниот потфат да го продолжат под нова фирма, да ги пренесат своите средства на други лица и сл., отколку да најдат начин за плаќање на заостанатиот даночен долг. Генерално, ефектот од јавната објава доаѓа повеќе како реакција од чесните даночни обврзници кои редовно ги плаќаат своите даночни долгови и, во тој контекс, УЈП мора да покаже дека своите законски овластувања за наплата на заостанатите долгови ги применува неселективно, ажурно и ефективно.

Што се однесува до тенденцијата, нагорна или надолна, на бројот на должници, генерално низ годините на листата има намален број на должници. Во текот на една година, односно од месец во месец бројката на должници и износот на долгот зависат од тоа за кој месец станува збор. Имаме месеци кога доспеваат обврски на тримесечни ДДВ обврзници, потоа имаме месец кога доспеваат обврските по годишните даночни биланси, па во тие месеци вообичаено има некое зголемување на бројот на должници и износот на долгот.

Можам да наведам и дека оваа листа треба да помине низ едно големо чистење за да ги прикажува оние долгови кои се реално наплативи. На листата сега се објавени починати физички лица, неактивни фирми и сл.

Пред неколку дена имавте средба со сметководителите. Што слушнавте од нив, се научија ли граѓаните и фирмите навремено и точно да плаќаат данок?

За да се научат граѓаните и фирмите, односно даночните обврзници, навремено и точно да плаќаат данок, важна улога имаат повеќе фактори.Еден фактор е даночните обврзници да имаа лесно достапни информации за своите обврски и начинот на исполнување на тие обврски. Тука не мислам само на едноставни информации од типот на рокови, обрасци, начин на уплата и сл., туку и на информации кои ќе обезбедат поголемасигурност на даночните обврзници како треба да се постапува од даночен аспект за одредена деловна трансакција. Комуникацијата меѓу даночните обврзници и УЈП е клучна, за да се намали јазот во нивното знаење и да се обезбеди влијание кое ќе води кон даночна усогласеност (точно пресметување и плаќање на даночната обврска). Од овој аспект, сметководителите се значајна таргет група за УЈП, бидејќи тие имаат советодавна и посредничка улога меѓу УЈП и даночните обврзници. УЈП треба да соработува со сметководителите за да добие уверување дека даночните обврзници добиваат кредибилни совети и услуги од сметководителите.

Освен овие информации со кои се гради свеста на данчните обврзници за нивните даночни обврски, има и други фактори кои влијаат на тоа даночните обврзници да научат да ги плаќаат навремено даноците. Таа друга група фактори се нарекува даночен морал. Даночниот морал претставува збир на прифатени норми, вредности и вреднувања кои го создаваат моделот на однесување на даночниот обврзник.

Даночниот морал се гради генерално на темел на она што претставува опкружување, разни социо-економски и институционални фактори: степенот на даночно оптоварување, корисноста на јавните расходи, согледувањето на придобивките од плаќањето даноци, перцепцијата за однесувањето на другите обврзници – дали ги плаќаат или ги избегнуваат даночнитеобврски, нивото на сивата економија, перцепција за ризикот за откривање на незаконско однесување, постоењето или недостатокот на санкции за затајувачите, нивото на корупцијата и др. Во врска со сите овие фактори сите сме свесни дека се потребни трансформативни промени во нашетоопштество кои, меѓудругото ќе водат и кон повисок даночен морал.

Што се случува со аферата која го откри ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци а во кој наводно беше вмешаната и поранешната директорка Лукаревска за поврат на 22 милиони евра поврат на ДДВ?

Ги очекувам информациите за сите постапки иницирани од УЈП пред истражните органи и надлежните јавни обвинителства.УЈП има обврска до надлежното јавно обвинителство да поднесе кривична пријава во случаи во кои, врз основа на информации до кои ќе дојде, ќе има сомнение за даночно затајување или друго кривично дело, како што се фалсификување на исправа, симнување или оштетување на службен печат и др.

Во тек на надворешна контрола, ако постои сомнение за даночно казниво работење УЈП поднесува кривична пријава или пак соработува со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи, особено во случаите кога даночниот обврзник избегнува да соработува и да ја обезбеди потребната книговодствена документација за контрола, односно случаи бараат примена на истражни мерки. Но, УЈП мора да има и повратен механизам и собирање на повратни инфромации за исходот на сите овие постапки.

Врз основа на информациите со кои располагам, само за сомнение за кривично дело даночно затајување бројката на поднесени кривични пријави од страна на УЈП изнесува: во 2020 год. 11 кривични пријави притив 12 правни лица и 13 одговорни лица, во 2021 год. 12 кривични пријави против 12 правни лица и 24 одговорни лица, во 2022 год. 12 кривични пријави против 4 правни лица и 11 одговорни лица и во 2023 год. 5 кривични пријави против 7 правни лица и 9 одговорни лица, за затаен данок во вкупен износ од 345 милиони денари (5,6 милиони евра). Отворено прашање е што значат овие бројки, дали е доволен капацитетот на службениците во УЈП за распознавање на сомнителните дејства.

Вие доаѓате внатре од УЈП. Знаете како било пред доаѓањето на Лукаревска и што затековте после нејзиното менаџирање. Се соочувате ли со проблем на партиски и нестручни кадри?

За состојбата што ја затекнав во делот на кадрите, врз основа на податоците кои ги добив од СЧР, можам слободно да кажам дека во УЈП се правени „акробации” за да се обезбеди отворен влез во УЈП на некои конкретни службеници. Прво, прашање кое треба да се препровери е и дали биле годишните планови за вработување биле навремено изготвувани согласно потребите на функциите.

УЈП нема годишен план за вработување за 2024 год. Во однос на „акробациите” кои ги споменав, како пример ќе наведам дека голем број службеници се вработени во УЈП преку мобилност, односно со преземање од други државни и јавни органи и тела. Да, тоа е легитимна, регуларна постапка. Но, ако навлезе подлабоко, ќе може да се види дека службеникот билангажиран во УЈП одреден период по договор на дело или преку АПВ, а потоа е вработен со преземање од некое јавно комунално претпријатие или општина, па се поставува прашање како е возможно и да бил ангажиран во УЈП и во исто време да бил вработен во друг орган? Или, службеник со место на живеење во Скопје е вработен со преземање од општина Кривогаштани. Ева таквите примери покажуваат дека има случаи за кои регрутацијата не била транспарентна, не било овозможено слободно пријавување и учество на разни кандидати и избор меѓу повеќе кандидати кои исполнуваат услови, туку регрутацијата се однесувала на точно определни лица по партиска или друга линија.

Ако се оди понатаму, голем број од овие службеници се распоредени директно на позиции со повисоки звања, или имале брзи унапредувања после вработувањето во УЈП, за разлика од постојните вработени во УЈП кои со години назад стоеле на иста позиција во својот кариерен развој. Ова доведе до еден внатрешен раздор и создавање на токсична работна средина.

Што се однесува до прашањето за стручноста на тие службеници, не е спроведено оценувањето на службениците. Но ако ги гледаме резултатите од работењето глобално, на ниво на некои функции и некои регионални дирекции резултатите се многу лоши, по неколку години стојат отворени работни налози, незапочнати постапки, или започнати, а незавршени, оддолжени постапки.

Информациите кои ги имам ги доставив до организационите единици во УЈП надлежни за внатрешна ревизија и внатрешна контрола (професионални стандарди) и ова понатаму ќе се спушти и на ниво на преиспитување на учинокот и резултатите од вработењето, кои се директен одраз на професионалноста и стручноста на конкретни вработени.

Паралелно со овие процеси на ревизија и контрола, мојот план како директор е да имплементираме регуларни институционални механизми за поддршка на професионалниот развој на вработените, УЈП да ја врати препознатливоста на даночните службеници по нивниот професионализам и интегритет. Една од тие мерки ќе биде воведување на постапка за лиценцирање на даночните инспектори.