САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од основањето на алијансата следната недела во Вашингтон.

„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, рече Бјуланд.

Самитот на НАТО во Вашингтон ќе се одржи од 9 до 11 јули. Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски и во неа се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателот на Собранието Африм Гаши.