Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска во интервју за Телевизија 24 вели дека нема да има никаква функција во партијата, но дека секогаш гласно ќе зборува проблемите во партијата.
Нема да прифатам никаква функција. Нема да бидам причина за неуспесите на СДСМ, ама преку какви било обвинувања некој се обиде да ме замолчи и за сметка на тоа да продолжат некои внатрешни игри, што му штетат на СДСМ и кои следната година ќе направат полош резултат, тогаш нема да има цена што ќе може мене да ме замолчи, па дури и да е критика, па дури и да биде побарана оставка од мене како пратеник. Јас немам проблем да сносам одговорност, но ако јас треба да бидам замолчена само затоа што јавно зборувам за прашања што мислам дека не треба да се случуваат во СДСМ, тогаш се потврдува мојата теза за заробена партија, рече Петровска.
Причините кои придонеле за нејзино повлекување од изборот за претседател на СДСМ ги образложи со малиот број на регистрирани членови за гласање и големите неправилности кои таа самата ги воочила. Таа посочува дека на овој начин по трет пат се бира претседател и дека ништо не се научило од пропустите.
Малиот број на активно регистрирани членови за гласање, укажуваше на тоа дека СДСМ се наоѓа во дополнително комплицирана и тешка ситуација. Тоа плус оние информации што ги наведов при повлекувањето, а особено оние неправилности за кои не сакам јавно да зборувам, ги наведов лично пред членовите на Централната изборна комисија. Кога влегувате во еден процес, а факт е дека СДСМ го има единствениот ваков процес на избор на претседател и кога ова е трет пат вака да бирате претседател, тогаш сето она што се јавувало како пропуст, требало да биде надминато. Повторувањето на тие пропусти, покажа дека за жал ние не сме научиле од пропустите, рече Петровска.
Петровска посочи и дека на списокот на активно регистрирани гласачи имало и членови на други политички партии.
Comments are closed for this post.