ВМРО-ДПМНЕ ги предложи во Собранието по скратена постапка измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со коишто ќе се прави нова реорганизација на владата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на прес-конференција во Собранието, ги повика сите пратеници да ги поддржат измените, најавувајќи дека седницата е планирано да се одржи во петок, а тие да бидат изгласани во понеделник.
– Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките кои што треба идната влада да ги спроведе за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот на годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и се она што сме ветувале во програмата. За се ова да се спроведе е потребно да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата, изјави Мицкоски.
Со ваквие измени, како што рече Мицкоски ќе добиеме ефикасност, осовременување на владата и да го подобриме животот на граѓаните.
Прашан дали разговарале за поддршка од од 80 пратеници, со оглед дека законот се носи со двотретинско мнозинство, Мицкоски рече дека не би сакал да влегува во дневна политика.
– Очекувам поддршка од сите парламентарни групи кои се дел од овој собраниски состав. Претпоставките да ги оставиме настрана. Не сме наивни политичари да веруваме во случајности, во политиката ретко има случајности, изјави Мицкоски.
Со најавените измени, новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.
За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници
Comments are closed for this post.