Владата денеска ќе одржи седница, на која, како што е најавено ќе носи одлуки врзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење, откако во минатата недела осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје.
– На иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки – целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени; да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, стои во соопштението од Влада од 4 јануари.
Ќе бидат повикани, како што беше тогаш најавено, Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје, како што соопшти отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ОЈО, осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.
– Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години, се вели во соопштението од ОЈО.
Comments are closed for this post.