Од Јавното обвинтелство информираат дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот во кој вчера беа нападнати вработени во Контролата на летање.
-Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста, велат од прес-службата на ЈО.
Од Министерството за внатрешни работи доцна синоќа информираа дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Се преземаат мерки, како што информираа, за пронаоѓање на уште четири лица, а во наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
Од МВР информираа дека лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавен ред и мир.
-Денеска (04.01.2024) околу 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, наведе МВР вчера во соопштение.
Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.
Владата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) ноќеска на вонреден состанок донесе повеќе одлуки и барања и најави штрајк со затворање на воздушниот простор од 10 јануари доколку во меѓувреме тројцата извршни директори на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши.
Како што изјави Тасевски изутринава, според последните информации од неговите колеги, активностите во М-НАВ се одвиваат како што треба, но очекуваат надлежните институции да си ја завршат својата работа.
Comments are closed for this post.