Нема датум за избори затоа што во владините партнери има некоја чудна мачо тактика, а од друга страна молат Бога никогаш да не се случат тие избори бидејќи карактерно се кукавици. Во јавноста кажуваат мачо пораки, а во суштина се плашат да излезат на избори и прават калкулации ако оделе на раздвоени избори, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Лозово во рамки на „Важно е! Од тебе зависат промените“, одговарајќи на новинарско прашање околу тактизирањето на власта за одредување на датум за избори.
„Без разлика што ќе трошат во оваа време на кризи десетици милиони народни пари, тие мислат дека ќе имале добар резултат на претседателските, па што подалеку ќе биле парламентарните, луѓето ќе отишле на годишни одмори и излезеноста ќе била помала и на тој начин ќе постигнале некаков конкурентен резултат којшто потоа како третопласирани претпоставувам на изборите ќе им даде можност да учествуваат во некаква идна влада“, истакна Мицкоски и додаде дека ваквата математика на СДСМ нема да се реализира бидејќи ќе доживеат дебакл и на претседателските и на парламентарните избори, а воедно ги повика, како што рече, чесните членови во СДСМ да не ги следат погубните политики на актуелното раководство на СДСМ и да не бидат измеќари на ДУИ, туку да застанат позади чесниот народ бидејќи е потребно обединување за да се поразат овие антинационални политики.
„Затоа јас упатувам порака кон сите чесни членови на СДСМ и до раководството коешто не се согласува со политиките на овие малкумина коишто моментално се раководство на СДСМ, да не бидат измеќари на ДУИ, да не бидат измеќари на политиките на неколкумина во ДУИ. Ја слушнавте вчера изјавата на Талат Џафери која е целта. Талат Џафери диригира, а Ковачевски, Зечевиќ, Спасовски и Пендаровски играат. Како што тој диригира, тие така играат. Затоа ги повикувам сите членови на СДСМ, има место за сите, напуштете ги овие луѓе, ве водат во бездна, а со нив ја водат и Македонија во бездна. Тие имаат мотив, дел од нив финансиски, дел од нив кариера итн. Немојте да застанете во исти ред со овие луѓе. Ќе бидете запаметени како луѓето коишто направиле се да ја втурнат Македонија во бездна“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Застанете позади чесниот народ, застанете до нас. Има место за сите. Нас ни треба обединување и ни треба еднаш засекогаш да ги поразиме овие антинационални и овие антинародни политики во Македонија“.
Comments are closed for this post.