Амбасадата на Русија во Македонија соопшти дека е отворен Конкурс за бесплатно образование во државната квота на најдобрите високообразовни и средни стручни образовни установи на Руската Федерација. За државјани на Република Македонија во 2019/2020 учебната година доделени се 40 бесплатни места.
Бесплатно ќе биде само школување и виза за влез во Русија. Останатите трошоци (патување, сместување, оброци, патничко/здравствено осигурување, трошоци за живот итн.) ги плаќаат самите граѓани.
За да учествувате во натпреварот, мора да се регистрирате на порталот https://russia.study/, целосно да го пополните прашалникот и да ги поставите сите потребни документи (оригиналите на македонски јазик и нивниот официјално заверен превод на руски јазик). Целосното досие треба да биде готово до 1 февруари 2019 година – наведуваат од Амбасадата.
Оние кандидати кои целосно го пополниле прашалникот, ги обезбедиле сите потребни документи со превод на руски ќе добијат покана за интервју. Тоа ќе биде спроведено од комисија формирана од соработници на претставништвото на Россотрудничество и Амбасадата на Русија во Македонија. За некои насоки (главно креативни) кандидатите дополнително ќе имаат влезни тестови во Русија. Информациите за ова се обезбедуваат при изборот на универзитетите.
Граѓаните кои успешно го положиле интервјуто учествуваат во втората фаза на селекција. Универзитетите добиваат пристап до списокот на кандидати и нивните досиеја и ги избираат најдобрите студенти.
Резултатите од изборот ќе бидат достапни на електронскиот портал на Министерството за наука и високо образование на Руската Федерација http://www.russia-edu.ru/.
Руската амбасада посочува дека образовните институции на Руската Федерација нудат различни услови за престој и живеење на студенти и студентските домови имаат различни цени. Учебната година може да почне во различни периоди. Кандидатите треба самостојно да ги добијат овие информации од избрани универзитети. Контактите на образовните установи се достапни на линкот: http://www.russia-edu.ru/.
За повеќе информации за конкурсот заинтересираните може да го контактираат претставништвото на Россотрудничество во Република Македонија преку електронска пошта: macedonia@rs.gov.ru.
Comments are closed for this post.