Приказната за малата Нина, која продава крофни во Нови Сад за да заработи џепарлак, но и за да го помогне лекувањето на нејзиниот татко, ја обиколи Србија. Таа има 11 години и има завршено петто одделение од основно училиште и од почетокот на распустот решила на свој начин да му помогне на семејството.
Нејзиниот татко Зоран го загуби едното око поради тешка болест на окото со аблација на ретина, а во голема опасност е и другото око. Освен што може целосно да ослепи и да му биде загрозен животот. Спасот е лекувањето во Москва, кое е многу скапо.
– Нина е само мало девојче кое неизмерно го сака својот татко. Покрај неа го имаме и синот Немања и се обидовме да ги поштедиме од тежината на ситуацијата, но децата чувствуваат се. Таа сама забележала дека и е потребна помош за домашниот буџет и решила да работи и да заработува. Баба ми ја даде идејата за крофни, а јас не смеев да ја пуштам сама да продава, туку излегов со неа пред продавница, изјавила за РИНА мајката на Нина, Наташа Нинковиќ.
Идејата за нивната акција ја споделила на социјалните мрежи и тогаш, како што вели Наташа, започнала вистинска емотивна експлозија, особено кај младите, но и кај сите татковци. И покрај сите очекувања, идејата на малата Нина се разви и сега луѓето чекаат на ред за крофни.
-Прво речиси немаше кој да купи крофна од 100 динари (50 денари), а сега луѓето чекаат во редици. Навистина почувствувавме многу емпатија и сфативме дека има многу прекрасни и добри луѓе. Верувајте, 100 крофни дневно не ни се доволни со оглед на побарувачката. Луѓето знаат дека треба долго да чекаат за да купат една крофна бидејќи сите премолчено се согласиле да купат само една бидејќи немаме доволно. Во исто време, сите платија за крофната повеќе отколку што всушност чини, а сега бараат од нас да ги испратиме дури и крофните по пошта. Почна позитивна лавина, изјави Наташа.
Comments are closed for this post.