Собранието денеска треба да ја продолжи 115. седница на чиј дневен ред се пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Предлог законите за измени на Законот за работни односи и на Законот за урбанистичко планирање поминаа на Комисијата за европски прашања, а денеска треба да биде разгледан и Предлог законот за измени на Законот за градење.
Предлог-измените на Законот за работни односи се 14. точка, а измените на Законот за урбанистичко планирање 17. точка на оваа пленарна седница.
Со измените на Законот за работни односи се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за активности од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Поради природата на работите, како што е посочено, дозволено ќе биде активностите да може да се спроведуваат и во недела.
– Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Согласно со Законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор, информираа од Владата на 5 мај по усвојувањето на пакетот од пет закони кои се носат по скратена постапка и со европско знаменце.
Comments are closed for this post.