Teтово е местото кое е колевка на традиција, крстосница на култури, но и градот кој во себе го носи непокорот на нашиот македонски народ. За жал за Тетово на национално ниво се зборува тогаш кога има вести од црната хроника, како случајот кога изгоре болница. Кога има некаков инцидент и на тоа многу често се дава етнички предзнак, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната трибина во Тетово.
Ваквата слика е креирана од истите оние кои профитираат од таквите случки, кои како реприза ја коваат оваа слика и го плашат народот, а народот пак надвор од стегите на политиката, оној реалниот народ необременет од политички интереси совршено се согласува меѓу себе, затоа што радостите се исти, исто како и нивните страдања кои секој ден стануваат се поголеми. На таквите креатори на погрешната слика сакам да им кажам дека Тетово не е обична приказна од нашето секојдневие, Тетово е крстосница, но и тврдина на нашата култура, нашиот непокор, на традицијата и местото кое е најдобар показател за тоа што треба да направиме за да конечно Македонија има иднина каква што заслужува. Тетово е град во кој живее духот на пријателството, разбирањето и почитувањето. Тетово е градот на Пејчиновиќ, Скаловски, Камшик, Антевски Смок и плејада дејци и имиња кои дале своја вредност за Македонија и Тетово – рече Мицкоски.
Во тоа име, колку и да сакаат некои, поради свои интереси да ја преставуваат погрешната слика за Тетово, имам да порачам дека Тетовчани се горди луѓе, луѓе домаќини и дека мојата грижа, мојот завет е подеднаков за овој град како и за сите места во Македонија. Заедничкиот патриотизам за кој говорам е потполн само тогаш кога и Тетово го има заслуженото место за грижа и е дел од постојаната борба за промени.
Кога ве гледам вака собрани, во толку голем број, и колку е претесна салата да ги прими овие стотици срца кои чукаат како едно, не само што верувам туку и знам дека промените ќе се случат, дека власта која ја клекна Македонија на колена ќе биде поразена, а по поразот ќе има одговорност. И таквата победа ќе има смисла само доколку има одговорност, одговорност за оние кои денес живеат на грбот на народот, се богатат на грбот на народот, ја крадат иднината и среќата на народот. Ве гледам во очи и ви велам дека да одговорност ќе има. И таа ќе биде за сите до еден кој се огрешиле кон законот, без разлика од која партија доаѓаат или каква политика застапува – нагласи Мицкоски.
Драги пријатели,
Денес токму од Тетово дозволете да се обратам за два важни моменти. Првиот е 9 мај денот на Европа, вториот е 9 мај денот кога се случи пресметката во Диво Насеље и каде животот го загубија 8 припадници на Македонските безбедносни сили. Има такви кои се пресметани и кои на статуси се најјаки да водат политика, но кога ќе дојде мегдан да говорат за овие теми, тогаш си велат подобро да не се бранува јавноста.
Епа не е така. Власта овие теми ги става под тепих, а јас сакам јавно да зборувам за вистината.
Им оддавам почит на 8-те припадници на МВР кои ги бранеа тој 9 мај 2015та година Уставот, слободата и суверенитетот на Македонија во Диво Насеље. Тие за мене се херои на новото време, кои го жртвуваа најсветото за нашиот мир, за нашата слобода.
И тој мој поклон за нивното дело не давам да се наруши или погани со ниту еден политички пазар за слобода на криминалците и терористите кои го нападнаа мирот, и ги убиваа овие македонски херои. Пазар и политика каква во континуитет се прави над нивната судбина актуелната власт, јас нема да правам. И тоа распродавање и пазар со нивното дело и имиња го прават само за да обезбедат опстојување на коалиција ДУИ-СДС, за само уште некој ден повеќе го крадат народот што е плаќање скапа и нечесна цена.
И доста свесно и трезвено треба да се говори дека овие 8мина кои ги положија своите животи тоа го направија за слободата и мирот и за Македонците во Куманово, исто како и за Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците. Тоа беше за слободата на сите. А Диво Насење не одговара ниту на Македонците, ниту на Албанците, туку нединствено од оваа временска дистанца одговара на големиот брат во владата, ДУИ и неговиот подизведувач СДСМ кои 8 години потоа сакаат да печалат на оваа тема и преку тоа да ја додржат власта – рече Мицкоски.
Впрочем и Диво Насеље е последица на естаблишментот на ДУИ, оние лукративни ласкавци кои упорно го лажат својот народ додека истовремено дрско го крадат.
Точно 22 години ДУИ е на власт. 22 години тие не живеат за Албанците, туку живеат од нив. Градејќи кариери на некаков лажен мит, на некаква лажна борба, зад која се кријат лични интерес и на сметка на крадење на народот. Колку повеќе години власт на ДУИ и СДС во државата, толку помалку народ.
22 години ДУИ е дел од сите порази на Македонија. 22 години власт ДУИ е дел од сите афери, од сите скандали, од сите патења на народот.
И затоа испраќам јасна и недвосмислена порака, тука од заедничкото Тетово, од народот до ДУИ и Али Ахмети:
ДОСТА Е. ДО ТУКА БЕШЕ. ДОСТА КРАДЕВТЕ и градите среќа на несреќата на народот.
Доста ја пиете крвта на народот кој се помалку го има. ВРЕМЕ е за пензија и опозиција – истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
А тоа народот ќе ви го испорача на овие избори. Тоа народот ќе и го испрати во име на сите предавства, порази и неуспеси.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ве испрати во пензија и во неславниот дел од историјата заедно со народот.
Не е проблемот во нашата Македонија, ниту некој народ, ниту некоја заедница. Во Македонија проблем се криминалците ДУИ и СДС.
И зошто ова го говорам. Затоа што со право народот е бесен и гневен. Погледнете низ полог. Села со се помалку светилки. Села со се помалку огништа по дворовите. Луѓето се иселуваат. Побарајте ја фабриката за автомобили во Тетово кои лани ја најавија. Празна ливада, фабрика нема. Тетово се уште мака мачи со вода за пиење иако е под Шара. Во Шипковица камче не е помрднато од последните поплави. Ниту едно шарпланинско населено место нема канализација, а повеќето немаат ниту пристапен квалитетен пат – рече Мицкоски.
Иселувањето е еднаков проблем насекаде во Македонија. Бев во Битола, се помалку жагор по улиците. Денес сум во Тетово, се помалку народ во населените места. Насмевки веќе нема. Празни маала, празни куќи и станови. И Албанците страдаат подеднакво како Македонците. Луѓето денес се иселуваат не само поради сиромаштијата туку и се повеќе луѓе со добри или просечни примања ја напуштаат земјата затоа што не гледаат надеж, затоа што системот не фукнционира и затоа што го губат мотивот за живот во својата родна грутка поради сета немоќ и неспособност на власта и кликите кои владеат во Македонија.
Плачот на мајката Македонка и на мајката Албанка по своите чеда кои си заминуваат еднакво тежи, срцата еднакво се кинат кога гледаат дека децата кои им се се во животот си заминуваат затоа што оваа власт ја краде иднината. Луѓето кои си заминуваат по белиот свет работат по туѓи земјишта и имоти, додека нивните тука седат празни и необработени, заработувајќи за туѓинците во странство пари кои тука може да ги заработуваат за себе, само затоа што не гледаат надеж и мотив тука. Затоа што ова предолго трае. И тие не бегаат заради некој народ, некаква заедница. Тие се иселуваат поради злоупотребите запоседнатоста од неколкумина во ДУИ и од СДСМ кои ги злоупотребуваат позициите за лична корист. Неколкумина поради кои патат сите граѓани. Запомнете го тоа. Тесна клика која управува и ја одзема среќата на сите – рече Мицкоски.
Ова е лошата вест која се репризира децении во Македонија, добрата е вест што им доаѓа крајот. Затоа што доаѓа генерација која верува во заедничкиот патриотизам во кој искрено веруваме. Кој дава одговор на сите прашања на сите проблеми кои народот ги чувствува.
Македонија мора да биде силна држава одговорна за сите свои луѓе. Европски ориентирана и интегрирана.
Денес е денот на Европа, каде реално треба да се прославува идејата за Европската Унија кон која целиме цели 32 години. 32 години во борба да оствариме еден сон, со многу попатни препреки, условувања, откажувања. 32 години на докажувања, објективни внатрешни недостатоци и отсуство на реформи но и многубројни субјективни пречки, условувања од надворешни фактори, непринципиелни барања за себе одрекувања. По 32 години Македонија е уморна од бркање на морковот кој никако да дојде.
32 години на постојано чекање и големи разочарувања. 32 години на нови и нови генерации кои растеа и се разочаруваа од сонот за ЕУ кој никако да го оствариме. Не велам дека Македонија имала перфектни влади, напротив сето она што досега го кажав за претходната е далеку од перфектно, напротив тоа е сосема спротивното, но она што ја раѓа апатијата е и непринципиелноста на Европската Унија кон Македонија и блокадите кои ги има на секој чекор. Неразумноста и уцените за себеодрекување, од една страна и сервилноста на актуелната влада е она што најмногу удира во чувствата на граѓаните и ја раѓа фрустрацијата.
Денес да не заборавиме дека 9 мај е ден на победа над фашизмот, кој што преставува едно олицетворение на зло, на негирање на слободата на останатите, на негирање на припадноста на останатите, на барање на одрекување на останатите од тоа што се. Денес Европската Унија со право ја слави победата над таквиот фашизам, победа на чие право има и македонскиот народ кој со свои сили се ослободил и дал жртва во таа борба ослободувајќи се пред се од бугарскиот фашистички окупатор. Таквото негирање над останатите кое беше победено таа 45та, зарем ќе се поддржува од поединци и држави кои ги негираат останатите и нивните права. Јас не верувам дека тоа е намерата, и не треба да се дозволи патувајќи кон ЕУ да се изгубиме себеси како народ и како држава.
Пред десетина години желбата за интеграција беше исклучително висока, затоа што народот веруваше дека така ќе се постигнат стандарди, ќе има иднина, подобар живот, ќе дојде надеж и мотив за борба, впрочем истите работи поради кои денес народот се иселува, а не ги гледа повеќе тука. Вината поради намалената доверба и растечкиот евроскептицизам покрај на овдешната владејачка клика неодминливо е и на Европската Унија која мора повеќе да се спротивставува на отворените злоупотреби кои актуелната власт ги прави и во нејзино име.
Впрочем вчера слушам дека вицепремиерот задолжен за Европски прашања, значи оној кој треба да ја интегрира државата вели дека било оправдана одлуката да се злоупотреби европското знаменце за изградба на коридорите 8 и 10 Д. Значи оној кој треба да ја интегрира државата во ЕУ го злоупотребува знаменцето на ЕУ само за да пројде случај каде има основан сомнеж за епски криминал. А не му кажале дека прашањето за почитување на законите и Уставот не е прашање на негова желба, туку негова обврска.
А сето ова го прават затоа што на сила буткаат нешто што нема никаква врска со Европска вредност туку со богатење и личен профит. И затоа кон државниот буџет се однесуваат како дупната вреќа пари, па на уште не фрлена лопата ќе истрошат пенали и аванси од над 300 милиони евра.
И затоа Ковачевски ако е во можност ќе фати усвет дури до Сент Китс и Невис само да не дојде на дебата со мене за овој штетен договор со кој ја ставија државата во подредена положба. А му понудив, но знам дека кој е кукавица и се крие во глувчешка дупка, да ја собере цела влада и Али Ахемти, да изберат време и медиуми и да кажат јас ќе дојдам и ќе дебатираме за сите штетни политики и за овој штетен епски криминален договор.
На сето ова мораме да му ставиме крај. Заедничкиот патриотизам треба да даде одговор на она што реално му треба на народот. Заедничкиот патриотизам значи доближување на политиката до народот и негово поголемо учество во заедничките работи. Заедничкиот патриотизам треба да ја врати надежта, но и мотивот за борба тука во родните огништа. Да ги вратиме луѓето тука во Македонија, ќе бидеме патриоти ако создадеме иднина тука и перспектива тука за сите луѓе. Повторно да светнат куќите од Тетово до Битола од Дебар до Делчево. Ќе бидеме патриоти ако ги победиме кастите и тие неколкумина кои живеат од туѓите несреќи. Заедничкиот патриотизам е да ги поразиме ѕидовите тука во Тетово кои ги издгинуваат помеѓу граѓаните Македонци и граѓаните Албанци. Тетово да биде град не од црните хроники, туку град носител на вести од достигнувањата во науката, образованието, културата и традицијата.
Заедничкиот патриотизам е сон кој се бориме да стане реалност. Да ги вратиме тука луѓето кои за туѓинци работат надвор додека нивната земја тука е нечепната. Истите луѓе Македонци и Албанци кои создаваат вредности и секога ќе бидат печалбари во туѓи земји, да ги вратиме тука во своите родни огништа да ја креваме Македонија заедно.
Наместо плачот на мајката да се слуша радоста и среќата, наместо очајот да ја вратиме надежта. Ви велам дека наша задача е да создадеме иднина на еднаква шанса за развој. Ќе изградиме училишта, патишта, водоводи, канализации. Да се натпреваруваме не по големо националистички теми кои не носат парче леб на трпезата туку по технолошки развој и подобар стандард и повеќе пари за сите.
И да ги имаме решенијата, и да ќе одговорам конкретно на Лена од Раотинце која побара решение за иселувањето….
Најдобриот одговор за белата чума иселувањето е економски да ја зајакнеме Македонија, да направиме ремонт на системот кој не функционира, и ќе поставиме поинакви и високи стандарди за тоа како мора да функционира нашето општество. Ќе обезбедиме шанса за секого, ќе обезбедиме нови работни места за сите луѓе, ќе се бориме за подобро платени работни места, за подобра иднина за младите, за повисок стандард за сите луѓе. Подобра патна инфраструктура, подобро образование и подобро вреднуван труд. Но и да ги имаме најдобрите училишта или болници, најдобрите патишта или спортски објекти, ако луѓето немаат надеж и мотив за борба тогаш не сме успеале. Затоа ветувам дека ќе ја вратиме сигурноста на луѓето која сега им недостасува, ќе ја вратиме надежта која ќе ја постигнеме преку заедничкиот патриотизам како верување во заедничката среќа наоѓајќи одговор за вистинските потреби на луѓето. Да го обновиме животот во Раотинце, но и во секое населено место. Ќе се бориме против иселувањето затоа што многу добри кадри му ги подаруваме на светот а нашата нација старее. Ова не е прашање само на некаква дневна политика туку и прашање за опстојување на нашата Македонија и нашиот народ. И ние тука ќе се бориме и ќе победиме. Исто како што е извесно дека силно ќе победиме и на изборите кои доаѓаат. И за да се случи тоа не е важна само победата, туку поважно е таа да биде голема и јасна, со голема разлика – рече Мицкоски.
Прво најважно од се е да излезете на избори. Да се вклучите во политиката затоа што само така од внатре, лично со вашиот глас и со вашата рака ќе ги менувате работите. Одзивот на следните избори мора да биде голем, разликата да биде што поголема и јасна. Седењето дома и прифаќањето на тезата сите се исти или нека излезат другите јасно е дека ќе се смени власта само им го ублажува поразот, што секако одзема од енергијата на промени која мора да биде голема за да бидат и промените поефикасни.
Второ, важно е да излезете на изборите и одзивот да биде голем за да ДУИ ја пратиме во опозиција. А Ахмети во политичка пензија. Да го поразиме поголемиот брат од истата оваа коалиција која толку многу ја криминализира државата веќе 22 години по ред.
Трето, не верувајте на оние кои имаат задача да имаат цврста ретрикаида бидат платена опозиција. Секогаш кога ќе оди ВМРО-ДПМНЕ по десно или по остро, тие само на зборови да одат подесно или поостро. Таквите инсталации со лажен популизам и платен патриотизам се заинтересирани за својот комодитет и лична кариера, а најмалку за Македонија. Затоа е потребно да се обединиме околу главниот стожар ВМРО-ДПМНЕ, да имаме јасна и прецизан аразлика за да нема уцени.
Македонија не е розовата слика во владините гласила и зборови, Македонија не се состои во владиниот раскош платен со државни пари, ниту во некој спот финансиран со парите на напатениот народ.
Туку ова е Македонија. Ова е Македонија за сите!
Ова е Македонија на надеж, сон, копнеж и иднина.
Заедничка радост и заедничка среќа.
Македонија на заеднички победи, реформи. Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна шанса за секого.
Македонија во која одлучувате вие. Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност. Која дава рака на секој еден кого системот го оттурнал и го ставил настрана.
Ова е Македонија на сите луѓе! Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.
Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени на страна овие 30 години.
Нашата борба е вредности, идеал и кауза. Нашата борба е да ја обновиме Македонија.
Промените да победат, за заедничка иднина!
Ова е незапирливата сила на народот.
Ова е Македонија! Македонија за сите!
Да живее Тетово, да живеат тетовци. Да ни е вечна и вековита Македонија, рече на крајот на својот говор, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Comments are closed for this post.