Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва информираше дека тој и министрите за европски прашања од Западен Балкан ќе бараат од Европската Унија одлагање на одлуката за примена на Европскиот систем за патни информации и одобрување, според која, по седум евра за влез во Унијата ќе плаќаат државјаните од земји кои не се членки на Унијата.
– Тоа не е враќање на визите, тоа е една процедура којашто бара регистрација и плаќање на седум евра и важи за три години. Меѓутоа ние сметаме дека не треба да се воведе и можам да ви најавам дека веќе сме во комуникација со министрите за европски прашања од целиот регион за да составиме едно заедничко писмо коешто ќе го испратиме до Европската комисија и државите членки на ЕУ со што ќе бараме одложување на таа одлука или изземање од таа одлука на државите кои преговараат со ЕУ, наведе Маричиќ во дневникот на Сител ТВ, коментирајќи ги реакциите на граѓаните дека таквата одлука подразбира враќање на визите.
Заменик-претседателот на Владата оцени дека е можно Европската комисија да го прифати тоа барање, бидејќи, како што нагласи тој, ЕУ е должна да внимава на овие работи и во таа смисла мислам дека граѓаните имаат вистинско чувство дека е тоа непотребно, но и ние мислиме дека е непотребно во оваа фаза.
– Западен Балкан направи многу за Европската Унија и мислам дека треба во најмала рака да се одложи оваа одлука. Ние како Влада на Македонија, со сите влади во регионот ќе направиме се да ја убедиме ЕУ да ја одложи оваа одлука, потенцираше Маричиќ.
Земјите на ЕУ го одложија почетокот на примена на Европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), кој требаше да се воведе во мај 2023 година, за ноември 2023 година.
Од 2023 година сите државјани на земји што не се членки на ЕУ, а на кои не им треба виза за патување во земја која е членка, ќе треба да поднесат барање за одобрување на патувањето со пополнување на краток онлајн-формулар и да платат седум евра. Меѓу државите што ќе треба да го пријавуваат патувањето во ЕУ е и Македонија.
Comments are closed for this post.