За трагичната автобуска несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани, меѓу нив и 13 деца, не е виновен само возачот на автобусот туку и државната агенција Патна инфраструктура.
Вештачењето на спроведената предистражна постапка за трагичната автобуска несреќа кога во ноември минатата година на автопатот Струма во Бугарија се запали македонски автобус и изгореа 45 македонски државјани, докажува лошо одржување или целосно отсуство и на ознаките на патиштата и на патната сигнализација, изјави еден од адвокатите во случајот – Николај Димитров, кој застапува дел од жртвите во автобуската несреќа.
Трагедијата се случи кон крајот на ноември минатата година кога од Турција, преку Бугарија до Скопје патуваше македонскиот автобус на превозникот Беса Транс. Непосредно пред клучката Бошнек, тој излета од коловозната лента, удри во заштитната ограда, а потоа се запали при што загинаа 45 лица, од кои 13 беа деца.
Вештачењето ја докажува вината и на вработените во АПИ (Агенција за патна инфраструктура) и на возачот на автобусот.
„Вештакот изврши увид на критичниот дел, како и неколку километри пред него, и констатирал 2 вида нарушувања, едното нарушување се однесува на тоа што не е изградено од патната инфраструктура, а другиот недостаток е во тоа што и да биле изградени, не биле соодветни“, рече адвокатот Георги Радков.
-Затоа, во понеделник, ќе поднесеме тужба во софискиот градски суд, а самата постапка веќе влегува во судска фаза. Вкупната цена на целата оштета е повеќе од 2 милиони лева. Зборувам само за оние луѓе кои ние ги застапуваме. Посебно има и многу други повредени, посочи адвокатот Николај Димитров.
Предистражната постапка за случајот продолжува. Пред само еден месец на истото место се преврте камион. За среќа немало жртви.
Comments are closed for this post.