Листата на институции од кои Бесмира Ејупи добивала хонорари е уште подолга – покрај тоа што во исто време заработила 12 илјади евра од четири општини и Државното правобранителство, Ејупи од 11 мај 2021 година до 16 август 2022 од Владата била поставена и во Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, објави Алсат.
Ејупи, инаку телевизиска презентерка, стана позната во јавноста во февруари, кога беше објавено дека таа на затворена владина седница била именувана за генерален конзул во Њујорк, САД. Владата тоа не го демантираше директно, поради законската забрана за откривање информации од затворена седница, но министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека нема именувано конзул со тоа име. Потоа се дозна за бројните хонорарни ангажмани на Ејупи и нејзината сестра, од повеќе државни и локални институции.
Ејупи деновиве повторно е во фокусот, откако се дозна дека била вработена во МНР, а тоа е можен чекор кон нејзиното станување дипломатка по забрзана постапка.
Телевизијата објави и дека Ејупи како член на Надзорниот одбор на ова јавно претпријатие со задоцнување го доставила Анкетниот лист до Антикорупциската комисија и за тоа платила и парична казна, по што доставила комплетен анкетен лист.
Иако во јуни Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривична одговорност за четворица градоначалници и иницијатива за морална одговорност за државниот правобранител, кој во истиот период ја ангажирал Ејупи, нејзината соработка со Државното правобранителство продолжила и тоа може да се види и на страницата „Отворени финансии“, каде последната уплата за Ејупи била регистрирана на 5 август.
Од друга страна, МНР и понатаму молчи за информациите кои кружат во јавноста за Бесмира Ејупи. Од МНР ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата дека таа од неодамна работи кај нив. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски изјави дека ќе бараат министерот Бујар Османи во Собранието, во Комисијата за надворешна политика, да појасни за случајот со Ејупи.
Случајот со Бесмира Ејупи стана актуелен, кога беше предложена за конзул во Њујорк, а во исто време наводно била на платен список и од Државниот правобранител, од општина Сарај, општина Чаир, општина Брвеница и општина Петровец.
Comments are closed for this post.