Тенденцијата е македонскиот народ да остане без свои македонски национални херои, а идентитетската придавка македонски да се поврзе исклучиво со „Бугарите“, добивајќи во историски контекст исклучиво значење на „македонски Бугари“. Воскреснувањето на личности ги симболизираат големобугарските агенди и фашистичкото. Холокаустот е моќна историска порака, која предупредува за да не се повтори, вели за емисијата „Трилинг“ професорот Митко Панов од Институтот за национална историја, истражувач на Самоиловото царство.
Трилинг: Објавени се најавените основи за одбележување на личностите што се заеднички или беа одделно или противречно посвоени од Македонија или Република Бугарија. Дали промената во историските учебници за 5 и 6 оддделение е почеток на заеднички читања на средниот век или прифаќање на заеднички корени на двата народи?
Панов: Кога велите „посвојување“ на личностите, претпоставувам ги имате предвид најновите политички тенденции на Бугарија и Грција, на што сме сведоци последните пет години, манифестирани преку експлоатирањето на договорите со Р. Македонија во функција на обезбедување историска ексклузивност на „сопственоста“ на културно-историското наследство на Македонија. Само еден поглед на билатералниот протокол со Бугарија oд јули годинава, јасно покажува како историјата е третирана од политиката, односно како комисијата политички се легитимира како орудие на Софија за присвојување на македонската историја.
Од друга страна, самото прифаќање на концептот „заедничка историја“, кој произлегува од интерпертацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ја прави работата на комисијата научно невалидна, бидејќи однапред политички ја предодредува „бугарската“ историска карактеризација на личностите од Македонија и нивната соодветна контекстуализација во современието. Притоа, досегашната селекција на личностите евидентно се прави исклучиво врз основа на поврзаноста со Македонија, а препораките се ставаат во функција на потврдување на едностраниот бугарски поглед на историјата на Македонија, што преку „заедничката историја“ треба да резултира со историска „бугаризација“ на македонскиот народ и на културно-историското наследство на Р. Македонија.
Оттаму, јас не би се согласил дека ова ќе биде почеток на заедничко читање на средновековието со Бугарија преку променетите учебници, бидејќи комисиските интерпретации преточени во препораките, се сведуваат на еднострано прифаќање на бугарскиот национален наратив. Тоа во крајна линија, преку промената на историскиот наратив во учебниците, треба да резултира со градење на свест на припадност кон друга нација, а не кон македонската.
Comments are closed for this post.