Министерството за одбрана засега не потврдува дали на Украина и се испратени четири авиони „СУ-25“.
– Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија, наведуваат од Министерството за одбрана за МИА.
Дел од медиумите објавија дека четирите воени авиони „СУ-25“ што Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година, деновиве му се донирани на Киев.
Претходно, Македонија и донираше тенкови Т -72 на Украина.
На тоа реагираше официјална Москва. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова вчера изјави дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје „со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.
Со контрареакција на изјавата на Захарова, вчера со заедничко соопштение излегоа министерствата за надворешни работи и за одбрана на РСМ.
-Република Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност. Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, се посочува во соопштението.
Република Македонија, се додава понатаму, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации
Comments are closed for this post.