Нови 20.000 граѓани го осигурале животот во првите три месеци од годинава со што вкупниот број на граѓани кои имаат животно осигурување надмина 281.000. Тоа е за 8 отсто повеќе осигурени лица во споредба со крајот на претходната година. Во првите три месеци во осигурување живот граѓаните вложија 494 милиони денари, односно осум милиони евра, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Како што информираат од АСО, најбројни се вложувањата во таканареченото ризико – осигурување. Повеќе од 220.000 граѓани имаат ризико осигурување и тоа е за речиси 20.000 осигуреници повеќе во споредба со крајот на 2021 година.
– Овој продукт вклучува осигурувањето на животот на осигуреникот и во случај на негова смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија, појаснуваат од АСО.
Осигурување живот со штедна компонента, на крајот на март годинава, како што велат, имаат 50.000 граѓани. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со одредена камата.
-До крајот на март годинава околу 11.000 граѓани имаат животно осигурување популарно наречено „јунит линкд осигурување“. Кај оваа класа дел од парите уплатени за осигурување живот се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Токму заради тоа што вредноста на овие вложувања зависи од берзите ризикот од вложувањето во овој производ го превзема осигуреникот. Тоа значи дека на истекот на периодот на кој е склучен договорот за осигурување износот на парите што треба да ги добие осигуреникот ќе зависи од пазарните (т.е. берзанските) цени на уделите на инвестициските фондови во кои биле вложувани парите од животното осигурување, нагласуваат од АСО.
Прецизираат дека од вкупните вложувања во животно осигурување во првите три месеци, 387 милиони денари (6,3 милиони евра) се вложувања во класичните осигурителни производи : ризико и осигурување со штедна компонента. Вложувањата во „јунит линкд“ осигурување за овој период достигнаа 107 милиони денари (1,7 милиони евра).
– Петте компании за осигурување живот во првите три месеци годинава исплатиле вкупно 180 милиони денари (2,9 милиони евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на случена смрт. Минатата година беше рекордна од аспект на вкупните вложувања во осигурување живот кои надминаа 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра, порачуваат од АСО
Comments are closed for this post.