Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија се предвиде формирањето Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во самиот договор е регулирана и работата на споменатата комисија, односно дека таа има цел да придонесе за објективно толкување на историјата врз основа на автентични историски извори. Со други зборови, македонско-бугарската комисија треба да биде составена од личности што стручно ќе ги разгледуваат историските и образовните теми за да се дојде до соодветни компетентни заклучоци. Ако се земе предвид сложеноста на тематиката, членовите на комисијата треба да се одликуваат со професионалност и неутралност при работењето, во спротивно историската комисија го губи својот авторитет.
Во комисијата од бугарска страна има копретседавач симпатизер на Ванчо Михајлов
Ванчо Ѓорѓиев, македонски историчар и поранешен член на комисијата, во македонските медиуми рече дека Ангел Димитров, копретседавач од бугарската страна, присуствувал на погребот на Ванчо Михајлов во1990 година. Ѓорѓиев посочи дека неговото искажување може да се потврди со постоењето на фотографија на која може да се види бугарскиот копретседавач. Со оваа изјава на Ѓорѓиев се доведуваат во прашање кредибилитетот, професионалноста и авторитетот на историската комисија од бугарска страна.
Поради сериозноста на констатацијата, направивме подлабоко истражување во контекст на тврдењето на професорот Ѓорѓиев. Во новинарското истражување беа пронајдени две фотографии што ја потврдуваат изјавата на професорот, односно поранешниот член на историската комисија. На двете фотографии до кои дојде „Нова Македонија“ е видливо присуството на копретседавачот на историската комисија, Ангел Димитров, на погребот на Михајлов. Една од фотографиите е објавена на сајтот на Македонскиот научен институт од Софија, кој има јасна антимакедонска определба, а втората фотографија е објавена на 20 септември 1990 година, од страна на „Македонска трибуна“ (Macedonian Tribune). Фотографиите се направени во внатрешноста на капелата во која биле положени останките на Михајлов. Автентичноста на фотодокументот беше потврдена, а на фотографијата е регистрирано присуството на роднините и приврзаниците на Михајлов. Копретседавачот на историската комисија, г. Ангел Димитров, веднаш до Атанас, братот на Ванчо Михајлов. Споменатите фотографии ги објавуваме како прилог кон текстот на „Нова Македонија“.
Доведена во прашање професионалноста на копретседавачот на историската комисија, г. Ангел Димитров
Фотографиите ги доведуваат во прашање компетентноста и професионалноста на Ангел Димитров. Фактот што Ангел Димитров оддава почит на личноста и делото на Ванчо Михајлов, кој бил фашист по убедување и дејствување, чија идеологија биле нацизмот и антисемитизмот, апсолутно и дефинитивно ги доведува во прашање не само професионалноста и идеолошката, морална и етичка вертикала на г. Ангел Димитров туку и ориентацијата и компетентноста на историската комисија од бугарска страна. Сепак, останува нејасно од каква природа е присуството на Димитров на погребот, дали е од приватна или службена, но, без разлика, станува збор за тежок преседан, па и скандал, ако се земат предвид ликот и делото на Ванчо Михајлов, кој во историјата останува запаметен како наредбодавец на масовни убиства, фашист и соработник на Третиот рајх.
Кој е Ангел Димитров?
Димитров завршува историја на софискиот универзитет „Климент Охридски“ во 1970 година, меѓутоа е дипломат од кариера. Во периодот 1992-1993 година е генерален конзул на Бугарија во Република Македонија, а во 1994 година е назначен за прв бугарски амбасадор во Скопје. Ангел Димитров е еден од авторите на контроверзната книга „Бугарската политика спрема Република Македонија: Препораки за развој на добрососедските односи по приемот на Бугарија во ЕУ и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО во Западен Балкан“ од 2008 година. Во неа многу јасно е видлива денешната бугарска политика кон Македонија. Во 2018 година, Димитров беше поставен за копретседавач на историската комисија. Во македонската јавност останува запаметен по контроверзните изјави во кои го негира постоењето на македонскиот народ.
Comments are closed for this post.