Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски и државнaта секретарка Магдалена Несторовска присуствуваа на комеморативен собир во дворот на црквата „Св. Атанасиј” во Брвеница, а по повод откривање на спомен биста во чест и вечен помен на загинатиот припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар” при Министерството за внатрешни работи, Жарко Кузмановски, кој на 9 мај 2015 година, пред точно 7 години, како лидер на тим, извршувајќи службени задачи, заедно со уште 7 колеги, прерано го загуби својот живот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво насеље, а во одбрана на Уставот и суверенитетот на својата држава.
На настанот присуствуваа и членови на семејството на Кузмановски, градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, претставници на Сојузот на воени инвалиди, претставници на Одборот на бранители, како и митрополитот Тетовско-гостиварски г-н Јосиф и претставници од Црковниот одбор на црквата „Св.Атанасиј”.
На комеморативниот собир обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, припадникот на САЕ Тигар – Стефан Соколов, како и портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Жарко Кузмановски со неговата трагична смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, го заслужи своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои оставија вечна трага во историјата на нашава татковина, но и аманет за иднината на генерациите што доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени живототите на нејзините најхрабри синови.
„Така и нашата татковина Република Северна Македонија е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, а наши браќа, синови, татковци, другари, пријатели… Ова спомен обележје во чест и вечен помен на незаборавот кон Жарко, не е никаква отплата на долгот кон него, оти она со што тој, како и другите неговите колеги и соборци нѐ задолжиле, се враќа само со хумани, професионални, благородни дела, со сѐ она добро, чисто и честито. А загубата е ненадоместлива и речиси е невозможно да се исполни празнината што како колеги, пријатели, блиски ја споделуваме во изминативе седум години од неговото трагично загинување”, рече министерот Спасовски во обраќањето пред присутните.
Comments are closed for this post.