Колумбиските вооружени сили го уапсија моментално најмоќниот шверцер на дрога од смртта на озлогласениот Пабло Ескобар,  Даиро Антонио Усуга, познат како Отониел, водачот на моќниот картел Клан дел Голфо (Клан на Заливот). Тој бил уапсен во џунглата.

Властите соопштија дека разузнавањето предводено од САД и Велика Британија обезбедило доволно информации дека повеќе од 500 војници и припадници на колумбиските специјални сили ќе го пресретнат Отониел во џунглата во провинцијата во северозападниот дел на земјата и ги пробиле осумте гардиски прстени кои постојано го следеле. Еден полицаец е убиен во акција под кодно име „Операција Озирис“.

Отониел беше најстрашниот шверцер на дрога во светот, убиец на полицајци, војници, социјални водачи и регрутирање деца. Овој удар е споредлив само со падот на Пабло Ескобар во 1990-тите – изјави колумбискиот претседател Иван Дјук по апсењето на криминалецот.

Левичар по убедување, се одметнал кога Армијата за народно ослободување потпишала примирје со владата

 

Отониел ја започна својата кариера, со неговиот брат Хуан Диос, како борец во левичарската герилска група Армија на народно ослободување. Тие не беа водени од идеолошки импулси, па кога Армијата потпиша мировен договор со владата во 2006 година, Отониел и неговиот брат одбија и пребегнаа во криминалното подземје и почнаа да спроведуваат операции во стратегискиот регион Голфо де Ураба на север. Картелот подоцна го добил името по топонимот. Повеќето пратки на кокаин се движат на север од Голфо де Ураба. Подоцна, тие ќе почнат да поддржуваат десни герилски групи.

Кој е кланот Усуга?

Отониел стана шеф на заливскиот клан, порано познат како клан Усуга, откако претходниот водач, неговиот брат, беше убиен од полицијата во рација на новогодишна забава пред речиси десет години. Отониел избегал и го презел картелот.

Тој и неговите крволочни луѓе брзо станаа познати како брутални убијци и насилници, особено на девојчиња. Се проценува дека во моментот на апсењето, Клан дел Голфо имал околу 1.200 членови, од кои повеќето биле регрутирани од радикални десничарски паравоени групи. И тие работат во 10 од 32 провинции во Колумбија.

Колумбиските безбедносни сили ја опишаа Усуга како најмоќната криминална организација во земјата, додека американските власти ја опишуваат како „тешко вооружена (и) крајно насилна“.

Покрај нивната основна дејност, дрогата, тие биле вклучени и во нелегално ископување рудници, а областа во која работеле била контролирана со насилство: локалните лидери кои би им се спротивставувале исчезнувале. Заработувале и од изнуда. Нивниот дофат бил широк, членовите на групата беа апсени во Аргентина, Бразил, Хондурас, Перу и Шпанија.

Американското обвинителство го прогласи кланот за „тешко вооружена, екстремно насилна криминална организација“.

Бандата, која дејствува во многу провинции и има силни меѓународни врски, се занимава со трговија со дрога и луѓе, нелегална експлоатација на злато и со изнуда. Таа контролира многу правци кои се користат за шверц на дрога од Колумбија до САД, па дури и до Русија.

Секоја вечер спиел во друго село – но на ист душек

Како и секој мафијаш, Отониел се криел во оддалечените рурални делови на земјата, во џунглата, менувајќи ги куќите каде што спиел секоја вечер. Но, секогаш до себе морал да има ортопедски душек на кој спиел поради повреда на грбот, дискус хернија.

Куќите во кои престојувал не биле палати, туку имале сателитски антени, а полицијата во нив наоѓала скапи парфеми, одбрани пијалоци и храна.

Тој успешно се криеше со години, бидејќи во регионот Ураба беше страв и трепет, па безбедносните сили беа немоќни да се обидат да го лоцираат. Исто така, користел обучени кучиња за да го предупредат доколку се појави личност која не ја познаваат. Властите успеале да фатат едно од кучињата и да го обучат да го бара Отониел.

Речиси изненадувачки беше видеото што го објави една година по доаѓањето на папата Франциско во земјата. Тој, исто така, побара на неговата група да ѝ се дозволи да го остави оружјето и да се демобилизира како дел од мировниот процес што го започна владата со ФАРК (Револуционерни вооружени сили на Колумбија). Владата тоа не го прифати. Едните се бунтовници, другите брутални криминалци.

Како падна наркобосот

Колумбиските вооружени сили го уапсија Отониел за време на операцијата „Озирис“, во рурална област во регионот Ураба. Тоа е блиску до границата на Колумбија со Панама, Средна Америка. Во операцијата на неговото апсење учествувале 500 војници, а биле користени 22 хеликоптери. Според Би-Би-Си, Отониел користел мрежа од безбедни куќи во локалните села.

Се движел од едно во друго село и така се криел од властите. Порано полицијата во скривалишта наоѓала специјални ортопедски душеци наменети за Отониел. Се наведува дека овие специјални душеци ги користел поради болки во грбот, веројатно за дискус хернија.

Додека деталите за операцијата сè уште се појавуваат, претседателот на Колумбија изјави дека е убиен еден полицаец. Колумбиските вооружени сили подоцна објавија фотографија на која се гледаат војници кои го чуваат Отониел со лисици.

Досега имаше неколку големи операции да се уапси овој 50-годишен наркобос. Во последниве години беа вклучени илјадници полицајци и војници, но досега ниту една не беше успешна.

Темни облаци над кланот почнаа да надвиснуваат во март годинава кога беше уапсена Нина Јохана Усуга, сестрата на Отониел. Таа беше задолжена за управување со средствата кои доаѓаат од перење пари. Таа ја презеде работата во 2015 година по апсењето на Бланка Сенобија Мадрид Бенжума, „Ла Флака“, слаба партнерка на Отониел.

Во јули годинава колумбиските безбедносни сили во соработка со Панама и САД заплениле 5,4 тони кокаин што му припаѓал на Отониел. Тоа беше тежок удар.

Апсењето е продолжение на успешната серија операции и нивна кулминација.

Серхио Гузман, директор на компанијата за анализа на ризик во Колумбија, верува дека наскоро ќе се појави нов лидер, што ќе биде уште полошо.