Денеска, 28 април 2022, навршуваат 21 година од грозоморниот масакр кај Вејце каде осуммина бранители маченички си ги дадоа животите во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, потсетуваат македонските бранители, уште еднаш споделувајќи ги најмачните моменти, кои денеска некој се обидува да ги потисне во заборав.

Да се потсетиме на овие ликови, млади и храбри, луѓе од народот, обични, но со големо срце – правични, чесни, ХЕРОИ. Да се потсетиме и на последните зборови на Илче Стојановски, неговите последни зборови вечно нека им одѕвонува во ушите на оние кои ја продадоа патролата кај Вејце и ги испратија во маченичка смрт.

Уште при првите истрели, тројцата полицајци Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, зазеле позиции зад возилото, но, за жал, брзо се здобиле со тешки рани од кои некои се смртоносни. Четвртиот нивни колега Илче за време на заседата кај Вејце успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, каде што заедно со ранетиот „волк“ Игор Костески давале отпор. Преку мобилниот телефон Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Во тие кратки мигови на одлука и размислување, на нишан од терористите и соочен со смртта, уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница:

„Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија.“

 

Што се случи во заседата кај Вејце?

На 28 април 2001 година, попладнето во 17:45 часот на кривината Црвен камен во месноста Бреза, на средина од планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, се случи најгрозоморниот и најкрвавиот настан во војната во Македонија од 2001 година и во поновата историја на Македонија. Од припадници на терористичката, паравоената формација ОНА, од заседа беа пресретнати, нападнати, убиени и на крај ѕверски масакрирани и живи запалени осум, а ранети тројца припадници на безбедносните сили на Република Македонија. Крвав настан меѓу ретките, со ваква жестокост и злоба, извршен и забележан во вековната борба за слобода и државност на македонскиот народ во Македонија. Вкупниот крвав биланс е осум загинати и тројца ранети припадници на безбедносните сили на Република Македонија.

По вооружениот напад, терористите се симнале на патот при што почнало дивеењето и крвавиот пир врз тешко ранетите и онеспособени за давање на отпор припадници на безбедносните сили. Откако со истрели од близина се усмртени тешко ранетите, но сеуште живи припадници на безбедносите сили на Република Македонија, терористите го започнале масакрирањето на нивните тела со брутално кршење на черепите со кундаците од пушките и со бодење на веќе мртвите тела на македонските бранители со длабоки убоди предизвикани со вртење од таканаречен “кинески” нож. На крај тројца полицајци, се уште живи биле запалени и целосно изгорени.