Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Утрена богослужба на која се читаат Дванаесетте Страдални Евангелија, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј” во Битола.
-Оче, прости им, оти не знаат што прават! Денес се собравме во храмот не со цел да слушнеме нешто ново. Правдата секогаш е една, била и ќе биде. Ние се собравме, за да си спомнеме за доброволното страдање на Христа, да земеме учество во Неговото крстоносење, да се помолиме со Него за Распнувачите, плачејќи и жалејќи за своите гревови, кои сè, и остануваат главна причина за жртвеното истоштување на Спасителот наш Господ Исус Христос, истакна митрополитот г. Петар.
Пред верниците присутни во Храмот, митрополитот г. Петар нагласи дека причината за страшното и гревовно зло, Спасителот ја гледа во човечкото незнаење: „Не знаат што прават”.
–Секој од нас знае што прави, кога го умножува гревот. Знае, дека, со умножување на гревот, се крева против Самиот Бог, сака Него да го направи свој слуга, сака да го понизи, да го симни од Неговата глава венецот на вечната слава. Секој од нас знае, дека умножувајќи го гревот, прави зло, од кое се треси природата, како што се тресела тогаш, кога го видела распнат Творецот. Тогаш зошто Распнатиот говори, дека Неговите мачители „не знаат, што прават”? Тоа е нов доказ за Неговата љубов кон нас. Навистина, гревот се случува од незнаење и не влечи со себе. Првородниот грев го ослабил нашиот ум и волја, и секој направен од нас грев ги ослабува нив уште повеќе, така што е невозможно, човекот кој го умножува гревот, да си даде себеси, јасен отчет, за тоа што прави. Во тој момент човекот е подобро да биде во адот, отколку да направи грев. Така, браќа и сестри, не знаеме и ние на моменти, што правиме, кога си дозволуваме да направиме грев. „Оче! Прости им, оти не знаат што прават”. Во овие зборови нема само прозба кон Отецот Небесен за прошка на ослепениот од гревот род човечки, но и заповед за христијанската љубов, прогласена од Крстот, заповед да му простуваме на оној, кој нам ни причинува незадоволства, заповед на Новиот Завет кон непријателите, рече митрополитот г. Петар на Утрена богослужба во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј” во Битола.
Заповедта за љубовта кон непријателите не е лесна, рече г. Петар и праша дали насилникот, може да го љуби непријателот? Тоа директно допира до нас, бидејќи можат да не наречат кукавици, кои не умеат себеси да се заштитат!
–Со таа состојба потребно е да се бориме. Бог никогаш не бара од човекот да го направи невозможното, и тогаш кога ни заповеда да ги љубиме непријателите и да им простуваме, тоа значи дека ние тоа можеме да го направиме, ако сакаме, порача митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Comments are closed for this post.