Сите прашања околу положбата на етнички заедници, групи и слично се прашања на секоја една држава. Некоја држава може да сугерира што било, но прашањето зависи од нас самите, од нашата одлука. Значи, ние имаме механизми за тоа, ако се поведува иницијатива за промени на Уставот, тоа треба да биде наша одлука, изјави вчера академик Владо Камбовски пред годишното Собрание на МАНУ, одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот.
Академик Камбовски тоа не го оценува како мешање во внатрешните работи на земјава, бидејќи, како што рече, тука никој не може да се меша и да диктира што ќе правите.
– Тоа самите го правите или не го правите, поаѓајќи од тоа дека ако оцените дека треба да го правите, тоа го правите аргументирајќи го својот потег со меѓународните стандарди, со постојната уставна рамка, стандардите за човекови права и слично, изјави Камбовски.
Со ставот и изјавата академик Камбовски, а сите нас не става во позиција како да „не сме од тука“ и како сите да не знаеме за што станува збор и каква е постапката за менување на Уставот.
Но, во сето ова има една случајна сличност, ако не и идентичност. Ни помалку, ни повеќе, туку од времето кога Бугарија на цар Борис III го носела Законот за заштита на нацијата. Тоа може да се види од книгата „Базичното антисемитско законодавство на царството Бугарија-Зборник на документи“, чии составувачи се Скендер Асани, Нора Маличи и Владо Поповски“, а е во издание на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје.
Книгата беше промовирана во март минатата година во МАНУ во знак на одбележување на годишнината од депортацијата на македонските Евреи, а играта на судбината сакала токму академик Владо Камбовски да биде еден од нејзините промотори. Но, еве што меѓу другото пишува во неа (стр.26-27):
„…По враќањето на Александар Белев од Германија, главниот бугарски антиеврејски закон – „Закон(от) за заштита на нацијата“, во конечна верзија, бил подготвен за месец–месец и пол. Кон крајот на септември 1940 год. министерот за внатрешни работи и за народно здравје, Петар Габровски, по налог на Царот Борис III објавил дека ќе го внесе „Законот за заштита на нацијата“ во Народното собрание – заради негово донесување. Пред тоа, Царот Борис, откако се вратил од средбата со Хитлер, одржана во Виена во месец август, на својот таен советник, Љубомир Лулчев, му се доверил оти тој го забавил донесувањето на споменатиот закон, но дека тогаш, кога веќе, Романија, Унгарија, дури и Франција, имале такви закони, било време и Бугарија да го донесе својот закон за заштита на нацијата. Притоа, потенцирал оти било подобро законот да го направат и донесат на своја иницијатива, отколку тој да им бил наложен од надвор, т.е. од Германија.
Точно било тоа дека „Законот за заштита на нацијата“ никој од надвор не ѝ го наметнал на Бугарија. Точно било и тоа дека тој закон бил направен самостојно од бугарските власти, на иницијатива на Царот Борис III и на министерот Петар Габровски, и дека бил подготвуван месеци пред да биде објавено дека ќе биде внесен во процедура за негово донесување. Меѓутоа, не може да се смета за точно тоа дека неговото внесување во Народното собрание било сторено откако бугарските власти (Царот и Владата) се осведочиле дека „…такви закони донеле Романија, Унгарија, дури и Франција…“, иако таа околност била згодна и за Бугарија; заради рационализација и пропаганда пред својата (бугарска) општественост.
Внесувањето на „Законот за заштита на нацијата“ во собраниска процедура било поврзано со друг факт и со друга мотивација. Имено, доставувањето на „Законот за заштита на нацијата“ заради донесување од страна на XXV обично народно собрание, точно на 6 октомври 1940 година*, а не, на пример, на почетокот на септември истата година, било резултат на фактот што, благодарение на Германија и на Хитлер, пред тоа, на 7 септември 1940 година, била потпишана Романско-бугарската спогодба за враќање на Јужна Добруџа на Бугарија. Со тој акт, издејствуван со влијанието на Хитлер, Царот Борис III, и Бугарија, ја добиле назад територијата на Јужна Добруџа која била припоена кон Романија со решенијата на Букурешкиот договор. Тој чин, наедно, бил и првиот чекор кон целосното остварување на неговиот мечтаен сон: обединувањето на сите „бугарски земји“ кои на Бугарија „ѝ биле отнати“ во Балканските војни – 1912–1913 година. Натамошните планови на Царот Борис III биле поврзани со „обединувањето“ на Беломорска Тракија, на Македонија и на моравските области кои останале надвор од Бугарија, без оглед на фактот што тие земји и територии пред тоа не биле, внатре, во Бугарија; во таа смисла, Македонија не била внатре во Бугарија, ниту пред ниту по Балканските војни…„.
Значи, да, точно е дека никој од надвор на Македонија не и ја наметна потребата од менување на Уставот за да се задоволат и Грција и Бугарија, исто како што е точно дека тоа беше и ќе биде направено самостојно од македонските власти. Во првиот случај видовме на чија иницијатива, а ќе видиме и сега, само единствено отворено ќе остане прашањето дали тоа било и ќе биде во интерес на Македонците.
Comments are closed for this post.