Македонски Телеком денеска ja пушти првата комерцијална 5Г мрежа во државава и овозможи користење на 5Г услуги паралелно и во комбинација со 4Г, со напредна технологија за динамично користење на постојните радиофреквенции.
Со 5 Г сигнал се покриени 15 градови и нивните околини: Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Битола, Прилеп, Крушево, Охрид, Струга, Ресен, Струмица, Радовиш, Гевгелија и Дојран.
Никола Љушев, извршен директор на Телеком на прес-конференција информираше дека од овој месец започна имплементацијата на 5Г во Скопје и околината, а до мај, сите корисници од главниот град и поширокиот скопски регион ќе имаат пристап до ваквите услуги. До крајот на октомври 2022 година, со опрема од најновата генерација најавува дека ќе бидат покриени 26 градови во државава.
Вкупната инвестиција на компанијата изнесува 45 милиони евра.
-Пред три години ги почнавме првите подготовки за технологијата на петтата генерација, а денес ја имаме првата комерцијална 5G мрежа. Изминатите години се подготвувавме, инвестиравме, тестиравме, градевме и зборувавме за иднината, сега можеме да кажеме дека 5G е тука. Го исполнивме еден од најважните предуслови за четвртата индустриска револуција, а со добивањето на новите 5G радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме, рече Љушев.
Тој информираше дека засега 5G ќе имаат три-четири илјади нивни корисниците коишто се наоѓаат во градовите што се покриени со 5G, во согласност со тарифите што ги користат, и коишто имаат некој од следните соодветно сертифицирани 5G уреди: Samsung S21, Xiaomi 11 Lite NE и Motorola Edge 20 Lite. Процесот на 5G сертификација со Apple се очекува да заврши во текот на второто тромесечие од годината.
Љушев очекува Агенцијата за електронски комуникации што поскоро повторно да ја објави постапката за доделување одобренија за користење радиофрекфенции и радиофрекгфенциски опсези за 5Г, што беше прекината на крајот на минатата година. Подготвени се, како што вели, да овозможат супер брз гигабитен мобилен интернет, веднаш по завршувањето на процесот за доделување на радиофреквенции за радио опсезите на 700MHz и 3.6GHz од страна на АЕК.
АЕК на 27 декември лани донесе одлука со која ја прекина постапката за тендерот со кој преку јавно наддавање се предвидуваше доделување одобренија за користење на радиофрекфенции за петтатата мобилна генерација 5Г. Тоа, според образложението, уследило по известувањето што го добиле од Комисијата за заштита на конкуренцијата дека е поведена постапка за оценување на дозволенсота на доделувањето на државната помош од страна на АЕК на основа на Одлуката за утврдување на најниска висина на еднократниот надомест и начинот на неговото плаќање за користење радиофрекфенции за радиофрекфенцискиот опсег 700MHz i 3.x GHz i Одлуката за давање согласност за таа Одлука. АЕК одлучиле да ја прекине постапката до носење на конечниот акт од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата
Comments are closed for this post.