Од понеделник ќе почне скрининг-тестирање по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на КОВИД-19 има населението во земјава за да и помогне на Комисијата за заразни болести и на државата во планирањето на идните активности.Тестирањето се планира да се прави на примерок од 1.000 испитаници во Скопје, но има можност да се прошири во целата земја за да се добијат пореални податоци за имунизацијата во вој момент.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вчера информираше дека вакво тестирање беше направено пред една година и тоа покажа дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни, односно имале некаков имунитет. Тогаш, како што кажа, нивниот имунитет се должеше исклучиво на прележаната болест.
-Тестирањето ќе го почнеме од понеделник и ако не собереме доволен број испитаници ќе го продолжиме и за следната недела. Очекуваме да дознаеме во овој момент, една година после првото истражување, каква е серопреваленцата односно колку од тестираните луѓе имаат некаков имунитет. Точно пред една година кога го правевме испитувањето немаше достапни вакцини и тие триесеттина отсто серопозитивни се должеа исклучиво на прележана болест. Сега има многу повеќе прележани и вакцинирани, така што ќе добиеме некаква насока, рече Петличковски.
Со илјада испитаници од Скопје или две до три илјади од земјава, нагласи, нема да имаме најпрецизни податоци, но, ќе имаме патоказ на каде се движиме, а тоа ни е неопходно за да може да ги планираме следните мерки како Комисија и како држава
Comments are closed for this post.