По двегодишна пауза, годинава ќе се одржи прилепскиот карневал „Прочка“. На Велики-Поклади, Прочка, на 6 март, во Прилеп ќе продефилираат карневалските маски на чело со Мечкарите, традиционалната, вековна маска, препознатлива за прилепскиот карневал.
Според условите, Карневалот кој е јубилеенб, по 20-ти пат, ќе се одржи во помал обем, со домашни учесници, објаснува Ванчо Георгиев, претседател на меѓународниот карневал „Прочка“.
– Имавме пауза од две години. Традицијата за „преправање“, маскирање на Прочка е перманентна. Ако и годинава не го организиравме карневалот, полека-полека ќе згаснат традициите за изработката на маски. Ние ќе се потрудиме да се одржи. Секако, не во тој обем како што беше, зашто тешко е да има гости од странство. Оваа година ќе биде, претежно, републички. Ќе имаме гости од земјава и, наши, традиционални маски. Интересно е што бројот на „мечкари“ е зголемен. Ќе има поголем број мечкари, бидејќи ние успеавме годинава и лани да купиме дел од опремата. Без разлика на сѐ, тие работат. Лани ги одржаа традициите со посетата на касапските куќи. Годинава ќе настапат според програмата. Мечкарите, традиционално, го отворат Прилепскиот карневал. Има најави дека и младите ќе изработат маски. На Карневалот сакаме да имаме и вип-гости, ќе ги очекуваме, барем по два-тројца претставници. И таму, во соседните земји, ни велат, имаат проблем со потврдите за преминувањето на границите, ама ќе се надеваме, објаснува Георгиев.
Прилепските мечкари се нестрпливи, сакаат да продолжи традицијата. Како што вели Тони Павлески, потпретседател на „Прилепските мечкари“, веќе ги почнаа подготовките.
Comments are closed for this post.