По 16 години на чело на Германија, Ангела Меркел заминува во политичка пензија, а светските медиуми шпекулираат што ќе прави потоа. Долгогодишната канцеларка не зборуваше многу за своите планови откако на 8 декември му ја предаде власта на социјалдемократот Олаф Шолц, пишува „France Presse“.
Во четирите мандати, 67-годишната Меркел често ја нарекуваа најмоќната жена на светот, но неодамна навести дека нема да и недостига моќ.
„Брзо ќе сфатам дека сега е туѓа одговорност. И мислам дека ќе ми се допадне“, рече таа при посетата на Вашингтон ова лето.
Позната по својата издржливост и способност да остане свежа по целоноќните состаноци, Меркел еднаш рече дека може да го складира спиењето како вода од камила.
Но, на прашањето во главниот град на САД за пензионирањето, канцеларката одговори: „Можеби ќе се обидам да прочитам нешто, па очите да почнат да ми се затвораат бидејќи сум уморна и ќе заспијам“.
За почеток ништо
Меркел, која стана пратеник набргу по обединувањето на Германија во 1990 година, исто така неодамна изјави дека никогаш немала време да размислува што друго може да направи.
„Никогаш не сум имала нормален работен ден, па природно престанав да се прашувам што ме интересира надвор од политиката“, рече таа за време на заедничкото интервју со нигериската писателка Чимаманда Нгози Адичи.
„Имам 67 години и не ми останува неограничено време. Тоа значи дека треба добро да размислам што сакам да правам во следната фаза од животот. Дали сакам да пишувам, дали сакам да држам говори, да планинарам, да останам дома, да патувам низ светот? За почеток, решив да не правам ништо, па ќе видиме што ќе се случи“.
Нејзините претходници не останаа долго во сенка по напуштањето на функцијата. Хелмут Шмит, канцелар до 1982 година, стана еден од уредниците на неделникот „Ди Цајт“ и популарен политички коментатор.
Хелмут Кол отвори своја консултантска фирма, а Герхард Шредер стана лобист и, не без контроверзии, шеф на одборот на директори на рускиот нафтен гигант „Роснефт“.
Германскиот писател Дејвид Сафиер замислил повозбудлива иднина за поранешната канцеларка во неговиот роман „Госпоѓица Меркел“ во кој таа го прекинува своето пензионирање за да истражи мистериозно убиство.
Садење зеленчук
Меркел можеби ќе сака да поминува повеќе време со нејзиниот сопруг Јоаким Зауер во Хоенвалде, селце во близина на градот Темплин во поранешна Источна Германија каде што пораснала и има куќа каде што знаела да се повлекува за да се одмори.
Таму би можела да се посвети на одгледување зеленчук, особено компири. Во интервју за магазинот Бунте во 2013 година, таа изјави дека особено ужива во тоа.
Позната е и дека е обожавател на вулканскиот остров Д’Искиа во близина на Неапол и градот Сант Анџело.
Поранешната научничка би можела да оди и на турнеи за јавно говорење на голем број универзитети, од Сеул до Тел Авив, кој и додели почесни докторати.
Пензија од 15.000 евра
Меркел ќе добива пензија од 15.000 евра месечно, покажуваат пресметките на германското здружение на даночни обврзници. Но, таа никогаш не била расипничка. Додека ја водеше најголемата европска економија, таа живееше во стан на четврти кат во Берлин и често сама одеше во маркет.
Во 2014 година, канцеларката дури го однела и кинескиот премиер Ли Кечијанг во нејзиниот омилен супермаркет по билатерален состанок.
Затоа, можно е некогаш најмоќната жена на светот едноставно да минува мирни вечери дома, пиејќи го омиленото бело вино со нејзиното омилено јадење – супа од компири.
Comments are closed for this post.