Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека промената во врвот на СДСМ и во Владата е обид да се сокријат сите незаконски дејствија на премиерот Зоран Заев, а не очекува никаков значаен исчекор ниту од Димитар Ковачевски, доколку тој биде избран за нов лидер на СДСМ и иден мандатар.

Како гарнитура на власт која четири и пол години владее со Македонија, таа прави уште еден неуспешен маневар, кој има за цел да направи едно фино приземјување надвор од политиката и брза евакуација и дислокација на сето тоа што е ограбено досега. Секако дека е и обид да се сокријат сите незаконски дејанија што Заев ги правеше во изминатиов период. Не мислам дека од ова ќе излезе значаен и квалитативен исчекор, бидејќи овој човек (Ковачевски) досега беше заменик-министер за финансии и ние во тој период немаме некаква брилијантна реформа во сферата на монетарната политика, напротив доколку го погледнете дефицитот ќе се уверите дека изнесува повеќе од 500 милиони евра, реализацијата на капиталните инвестиции е катастрофална, на висина од 250 милиони евра, што значи дека имаме двојно повеќе дефицит од капитални инвестиции, вели Мицкоски во интервју за „Плусинфо“.

За неуспешниот обид да се изгласа недоверба на Владата, Мицкоски вели дека не размислувале да ја грабнат власта, туку размислувале за решавање на проблемите кои актуелната Влада немала капацитет да ги реши.

Како државотворна партија сакавме да влеземе во костец со проблемите и да помогнеме. Никој од нас, во ниту еден момент не размислуваше за грабање на власта, тоа не нè интересираше. Но, тие се одлучија да изведат дивјачки чин. Иако господинот Кастриот Реџепи презентираше една вистина, тој и самиот знае дека тоа што го вели не е точно. Се гледа од неговите фацијални експресии дека тоа што го говори не е ниту приближно до вистината. Но тоа е сега зад нас. Новото опозициско делување што го најавивме е новитет во политичката историја на Македонија. За првпат една опозициска партија направи толку добар резултат на локалните избори. Имаме 42 градоначалника, а ја поддржавме и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во моментов се реализира тоа што е ветено на изборите, вели Мицкоски.

Додава дека постојано оди на терен заедно со градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за да види што е исполнето од дадените ветувања пред граѓаните. Во зависност од тоа колку овие градоначалници ќе бидат успешни, како што вели, ќе зависи и тоа како граѓаните ќе гласаат на парламентарните избори.

Прашан како тој би се поставил во преговорите со Бугарија доколку биде премиер, Мицкоски со став дека за работи што се случиле пред два или три века, нема да може да се најде заеднички јазик за иднината. Она за што треба да се разговара со источниот сосед, според Мицкоски, се образованието, културата и проектите од заеднички интерес како што се автопатите, железницата….Историјата, вели, треба да се остави на експертите.

Историјата не смее да биде причината за Бугарија да го кочи европскиот процес на Македонија. Секоја помош од нивна страна, како знаење и искуство во процесот на зачленување во ЕУ е добредојден. Спремни сме за сè да разговараме, но работите што се случиле во минатото сметам дека нема да донесат никакво решение. Апелирам до бриселските бирократи да влијаат врз нашиот источен сосед, за овој проблем да биде надминат во европски дух, подвлечува Мицкоски.

Во однос на енергетската криза, Мицкоски смета дека не е добро менаџирана целата ситуација затоа што не се создадени залихи кога цените на нафтата биле ниски, не е направен навреме ремонт на енергетските капацитети и лошо е менаџирано со водените ресурси. За санирање на кризата, како што вели, до крајот на зимата би можело да бидат потрошени до 250 милиони евра.