Во областа на оданочувањето државава е умерено подготвена, оценува Европската комисија (ЕК) во последниот Извештај за напредокот во евроинтеграците. Постигнат е, стои во Извештајот, одреден напредок во намалувањето на административниот товар за даночните обврзници и преку надградба на услугите за е-даноци.
Бидејќи не беа спроведени сите препораки од Извештајот за 2020 година, во наредната година, наведува ЕК, земјата особено треба дополнително да го подобри капацитетот на даночната администрација со ефикасно спроведување на Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 што беше усвоена во декември лани.
Се препорачува да се развие нов интегриран даночен ИТ систем на Управата за јавни приходи за подобрување на управувањето со ризиците за усогласеност и дополнително проширување на е-услугите за даночните обврзници. Исто така, да се почне со подготовка за воспоставување механизам за ефективна имплементација на автоматска размена на даночни информации со земјите-членки на ЕУ во согласноност со Глобалниот стандард на ОЕЦД.
Во извештајот, меѓу останатото, се посочува дека со измени на Законот за Данок на додадена вредност (ДДВ) се воведе повластена даночна стапка од 5 проценти за занаетчиски дејности и повластена стапка од 10 проценти за ресторани и угостителски услуги (без алкохолни пијалоци). Воведените одредби за ослободување од данок за донации поврзани со Ковид-19 и ќе останат во сила до крајот на годинава.
Се наведува и дека останува одложувањето во процесот на враќање на ДДВ, бидејќи само 38 проценти од побарувањата се враќаат во законскиот рок, но оти сега се поретки долгите одложувања.
– Во однос на оперативниот капацитет, компјутеризацијата и неформалната економија, Управата за јавни приходи се уште треба да ги подобри деловните процеси, да имплементира нов интегриран даночен систем за ИТ, да развие управување со ризиците за усогласеност како основна функција и дополнително да ги прошири е-услугите, стои во Извештајот.
Во него се посочува и дека за административна соработка и заемна помош, Северна Македонија потпиша 50 договори за двојно оданочување, вклучително и со сите земји-членки на ЕУ, освен Португалија, Грција, Кипар и Малта. Земјата се уште не се обврзала со стандардот на ОЕЦД за автоматска размена на информации за финансиска сметка, така што не е одреден датум за почеток на тоа.
Comments are closed for this post.