ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека доколку до вторник претпладне министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани не достават оставки до Собранието, партијата ќе поднесе предлог-одлука за нивно разрешување, тврдејќи дека оставките требало да ги достават до Законодавниот дом, а не до премиерот Зоран Заев. Ваквата иницијатива СДСМ ја оцени како „голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано“, наведувајќи дека согласно Уставот, член на Владата поднесува оставка до премиерот, а тој може да предложи негово разрешување, за што одлучува Собранието.
– Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, до Собранието ќе поднесе Предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, најави вчера на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој соопшти дека предлог-одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница на Собранието, со барање да бидат ставени токму на дневен ред на ова собрансико заседание.
– Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На ваквата најава на Мицкоски, СДСМ реагираше со оценка дека тој покажал оти не го знае Уставот и дека никој во ВМРО- ДПМНЕ „нема поим ни од право, ни од политика“.
– Предлогот на Мицкоски е голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано. Уставот на државата е јасен, член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница. На Мицкоски очигледно не му кажале каква се процедурите за поставување и разрешување министри, па затоа денеска излегува со смешни ултиматуми и предлози кои немаат никаква правна основа, наведе СДСМ во својата вчерашна реакција.
Прмиерот Зоран Заев во сабота во писмено обраќање до јавноста оцени дека поднесените оставки по пожарот во ковид-центарот во Тетово претставуваат висок морален и етички чин и демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи, посочувајќи дека одговорност има и ќе има, врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки.
По пожарот во модуларната болница во Тетово во средата вечерта, во кој загинаа 14 лица, а 12 други беа повредени, во петокот оставка од морални причини понуди министерот за здравство Венко Филипче, а неговиот заменик Илир Хасани и двајцата директори на тетовската Болница поднесоа оставки.
Премиерот Заев најави дека проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базира исклучиво на фактите од истрагата, односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.
– Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија, посочува Заев во обраќањето
Comments are closed for this post.