Собранието вчера ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по Регионалниот економски форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, Заев вчера укажа дека и Бугарија е добредојдена да се приклучи на оваа иницијатива, иако е членка на ЕУ.
– Посакувам Бугарија навистина да направи влада. Тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот. Добро е и за Македонија. Штом ќе се направи влада, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека најдеме решение. И како што ние и нашите граѓани сега одат со лични карти низ нашите граници, каде што ги разменивме ресурсите за справување со катастрофи, па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат. Затоа што ова е Балкан. Иако се земја членка на ЕУ, зошто не. Така што ова го испраќам како порака дека мал ни е регионот, мораме да соработуваме, да си помагаме, пред се, заради нашите граѓани, а секако и понатаму да се интегрираме затоа што тоа, исто така, носи придобивка за нашите граѓани, рече Заев прашан дали очекува по изборите во Бугарија да се придвижат работите.
ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави Резолуцијата со која јасно се оцртуваат националните и државните позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет.
– Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата. Таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група, истакна претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Тој дека текстот на Резолуцијата е базиран на научни темели и аргументи.
– ВМРО-ДПМНЕ покажа и докажа дека има здрав политички концепт кој овозможува истовремено градење на цврсти позиции за македонските национални и државни интереси со консензус. Потврда на евроинтегративните просеци на Македонија, но и капацитет за обединување на сите чинители околу вакви, според нас, суштински прашања, потенцираше Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност до политичките субјекти кои, како што рече, искрено, но и на оние кои помалку искрено ја поддржаа Резолуцијата.
Comments are closed for this post.