Олимпиецот Дејан Георгиевски попладнево слета на скопскиот Аеродром каде беше дочекан од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и стотици навивачи, членови на неговото семејство, претставници на неговиот клуб „Бутел“.

Во своето кусо обраќање медалистот истакна:
„Благодарност до сите за поддршката. Чувството е одлично. Премногу сум уморен. Покана вечер да дојдете да го прославиме овој успех кој не е само за мене, туку за цела Македонија“.

Тренерот Дарко Костовски е задоволен од постигнатиот резултат и најави нови успеси.

– Ни следува  Светско првенство во Кина. Се надеваме дека ќе му се реваншираме на Русинот во многу скоро време, истакна Дарко Костовски.

Неговиот брат Борче, кој го водеше Георгиевски на борбите рече: „Радувај се Македонијо, испишавме историја“.

Главната прослава за освоениот сребрен медал на Олимпијадата во Токио е закажана за вечер од 19:30 часот на скопскиот плоштад.