Граѓаните на РСМ, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…
Ова е дел од првата реченица на членот 1 од Уставот на Република Македонија, што е во сила, по усвојувањето на последните уставни измени, направени по потпишувањето на Преспанскиот договор. Со нив, од истата реченица, по зборовите „Македонскиот народ“ беа избришани зборовите „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, па така остана „Македонскиот народ, дел од албанскиот народ…“.
Сега, по повод прославата на 30-годишнината од осамостојувањето на Република Македонија, Владата како покровител оди над Уставот и со буџетски средства финансира промоција на албанска нација во Македонија!
Завчера, со посебно лого, беше промовирана кампањата насловена како Заеднички темели. Настрана сите забелешки во јавноста околу тоа дали се прославуваат 30 години независност на Република Македонија или на државата со сега променето име, кое беше прифатено пред две години, во владиниот текст, за волја на вистината, не можат да се најдат други забелешки. Во него точно е напишано „Придонесот на Албанците…“.
Но, во промоцијата на настанот, што со државни пари ќе го реализира еден ТВ медиум, дојде до драстична промена на Владиниот текст. Во најавата на кампањата Заеднички темели, свесно или несвесно, случајно или не, но сигурно повеќе од перфидно се користи сосема друга содржина која гласи: „Заеднички темели на тема-Промоција на духот и културата на Албанската нација во креирањето на РСМ од нејзиното постоење до сега“.
Па така, од „дел од албанскиот народ“, според Уставот, сега добиваме „Албанска нација“ и тоа со големо А!
А, во значењето на термините народ и нација има разлика како Бог и шеширџија!
За да не се разбере погрешно, апсолутно не е спорен придонесот на Албанците во досегашниот политички, демократски и секаков вид развој на Македонија, иако може да се дискутира за нивната улога при спроведувањето на Референдумот и усвојувањето на Уставот во 1991 година, но и при спроведувањето на референдумот за промена на името на државата и усвојувањето на уставните измени од пред две години.
По промоцијата на настанот, со право се поставуваат неколку прашања. Прво, според кој член од Уставот се користи терминот „Албанска нација“ во Македонија, второ, дали Владата ќе интервенира за корекција на терминот, трето, колку нации постојат во Република Македонија и дали таа се претвора во Обединети нации, четврто, ако треба политички да се промовира нација дали таа треба да биде албанска или македонска, петто, дали со ова не се промовира не тивка федерализација или конфедерилизација на државата, туку отворено се најавува сецесија?!
Дека работите не се нималку наивни, неодамна во своја колумна во „Нова Македонија“ предупреди и поранешниот амбасадор Ивица Боцевски, но за него предизвик беше функцијата „прв заменик-претседател на Владата“ и неговото „право на вето во егзекутивата“.
-„Право на вето во егзекутивата“ нема во ниту еден унитарен систем, каква што е Македонија според нејзиниот устав, нема ни во ниту еден федерален систем, но тоа постои во конфедералните системи и постои во недовршените држави со нејасен и нерешен статус (како Северна Ирска). Зошто не постои право на вето во егзекутивата на унитарните и на федералните системи? Затоа што суверенитетот извира од сите граѓани и затоа што суверена е државата, а не и нејзините составни делови, заедници или други ентитети. „Правото на вето во егзекутивата“ дадено на „првиот заменик на претседателот на Владата“ значи дека заедниците во Македонија се суверени и дека конфедералната влада не може да носи одлуки без целосен консензус од сите суверени заедници. Нормално, штом заедницата е суверена, таа имплицитно има и право на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Од овие причини функцијата на „прв заменик на претседателот на Владата“ е проблематична, односно со нејзиното воведување недовршениот македонски федерализам влегува во лазечка конфедерализација, што е мошне опасен развој на настаните, пишуваше меѓу другото Боцевски.
Нација и народ
Во Дигиталниот речник на македонскиот јазик за поимот нација постојат две значења. Првото вели: „Историски создадена општествено-економска, културна и политичка заедница врз основа на заедничка територија, јазик, минато, традиции, психичка конституција, силно проникната со свест за заедничка припадност“. И за повеќе информации упатува на Википедија во која стои:„На прво место, терминот “нација” (nation) не значи “народ” (people) и во таа смисла нациите не се само збир на луѓе со исто потекло. Нацијата, во потесна смисла на зборот, е комбинација на сите граѓани на една држава. Овие граѓани може да се од различни етноси и да исповедаат различни религии. Нациите се продукт на државите, како политичко-територијални заедници кои влијаат на сите свои граѓани преку своето законодавство и државна политика.
Додека второто значење за нација во речникот е „држава, земја“.
За поимот народ, пак, во речникот има четири значења од кои суштинско е првото кое гласи:„Историски создадена заедница на луѓе врз основа на заедничко етничко потекло, територија, јазик, економски живот и заеднички културни традиции“.
Comments are closed for this post.