ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција до Собранието во која се дефинирани и заштитени македонските позиции во преговорите со Бугарија, најави денеска партискиот лидер, Христијан Мицкоски.
Мицкоски на прес-конференција рече дека текстот на резолуцијата од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади и обиди за манипулација, не е авторско дело на ВМРО-ДПМНЕ, туку е дефиниран од МАНУ и УКИМ.
Тој ја повика власта да го прифати, а ако не го стори тоа, само ќе покаже, како што нагласи, дека преговара за идентитетот. Мицкоски сепак очекува СДСМ да застане зад македонските национални интереси.
-Ако СДСМ вели дека македонскиот идентитет е заштитен, тогаш треба да го прифати овој текст. Највисоките научни институции во Македонија го имаат дадено овој текст како своја рефлексија на спорот со Бугарија. Да го поддржиме заеднички во Парламентот зашто овој документ треба да биде надпартиски, да добие општествена поддршка. Истиот овој документ е производ на МАНУ и најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а е поддржан од МПЦ-ОА Јустинијана Прима. Доколку власта не ја поддржи оваа резолуција или не нападне затоа што ги оцртуваме јасно контурите позади кои треба да добиеме општествена поддршка, а тие контури не ги оцртало ВМРО-ДПМНЕ, туку највисоките научни институции во државата како МАНУ и УКИМ тогаш Зоран Заев и СДСМ ќе потврдат дека преговараат за македонскиот идентитет, нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски, потребно е мудро и одговорно однесување спрема својот народ, својот идентитет и нашата заедничка иднина.
-Оваа резолуција е документ од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади и обиди за манипулација и ќе биде заедничкиот став на Македонија за сите важни прашања. Не е доволно да се збори за црвените линии, овој пат тие треба да се бранат. А тоа е наша должност. Подготвен сум на дебата, на заедничка размена на мислења, но и уште поважно, да испратиме заедничка порака дека нашиот идентитет, јазик и историја е наше право, наша обврска која ќе ја штитиме заеднички. Воедно на овој начин ќе превенираме и други и слични негаторски аспирации кон она што за нас треба да биде суштински важно, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференцијата тој изнесе што содржи резолуцијата.
-Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ, са се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет, да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои: македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет, македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе – вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, рече Мицскоски.
Во текстот на резолуцијата се наведува и дека споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
– Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите, да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи, како и да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност, се вели во резолуцијата
Comments are closed for this post.