Директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, вели дека македонски пасоши со лажен идентитет, во аферата која опозицијата ја именува како „Мафија“, добивале и екстремисти со искуство од судирите во Сирија, како и лица инволвирани во ликвидации во Украина и Грција.
Станува збор за случајот со 215 незаконски издадени пасоши што завршиле во рацете на нарко-босови и лица опасни за нашата, но и за безбедноста на други држави, при што се отвори прашањето како е можно оперативните служби во МВР, АНА и АР да немале индиции дека нешто се случува .
Очекувано е да се појават импликациите од ваквата појава на незаконско издавање патни исправи на лица, кои се членови на криминални и екстремистички групи. Фактот што таквите лица поседуваат „легална“ патна исправа сериозно ги попречува напорите за нивно оперативно следење, идентификување на нивната локација и активности. За сознанијата со кои располага АР, Агенцијата навремено ги информираше надлежните институции и партнерските служби. Загрижува фактот што со вакви патни исправи се стекнале екстремисти со искуство од Сирија, членови на криминални банди, вмешани во ликвидации во Украина и Грција и поединци инволвирани во сериозни форми на организиран криминал, поврзани со трговија на наркотици и перење пари – вели Муслиу како одговор на едно од прашањата во интервју за „Дојче Веле“.
Тој додава дека овој случај треба да ни биде поука во иднина за зајакнување на безбедносните стандарди во државните институции, поголем професионалнен интегритет кај вработените и ефикасни заштитни механизми.
Comments are closed for this post.