Со проекција на 40-тина филмови, 50-тина настани и 30-тина домашни и интернационални гости, Филозофското друштво на Македонија и тимот на Филозофскиот филмски фестивал го најавија 11-тото издание на Фестивалот којшто годинава ќе се одржи од 27-ми мај до 3-ти јуни во Кинотеката на Македонија.
Повторно хибриден фестивал. По минатогодишната пауза наметната од рестриктивните мерки поради пандемијата, годинава Филозофскиот филмски фестивал се враќа пред големото платно и киното како колективно искуство. Филмовите ќе се прикажуваат во кино салата и, на отворено, во летното кино „Мирно лето“ во дворот на Кинотеката, додека едукативната програма и првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ остануваат онлајн.
11.ФФФ е во знакот на „Времето“, времето кое не одминува, времето кое нè одминува, загубеното време, (џепчиња на) пронајденото време, „Големата Пауза“, рефлексиите и медитациите со самите себе, пoтрагата по насока и ориентација, како индивидуално, така и како човештво – прашања кои сè уште се и ќе бидат со нас. Дали „вајајќи во времето“ во филмот, или спознавајќи се себеси како „битие во времето“ низ филозофијата, времето отсекогаш играло клучна улога во обете, седмата уметност и љубовта кон мудроста.
Фестивалот е поделен на седум сегменти:Официјална селекција на долгометражни филмови, Официјална селекција на краткометражни филмови (двете со компетитивен карактер), Ревијална програма: филм-философија, Ретроспектива Тарковски, Едукативна програма, Првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ и Придружна програма.
Во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат 5 филмови: победникот во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивалАТЛАНТИДА (Atlantis) на украинскиот режисер Валентин Васјанович (Valentin Vasyanovych), добитникот на Гран при од жирито на филмскиот фестивал во Шангај ВДИШИ ИЗДИШИ (Inhale-exhale) на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе (Dito Tsintsadze), ЅИД (Wycieczka)на полскиот режисер Бартош Груџиецки (Bartosz Grudziecki),најновиот филм на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин (Boaz Yakin)АВИВА (Aviva) и ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА (The Trouble with Nature) на данскиот дебитант Илум Јакоби (Illum Jacobi).
Во официјалната селекција на краткометражни филмови има 21 остварување од различни држави: Канада, Киргистан, Мексико, Шведска, Данска, Велика Британија, Словенија, Перу, Грција, Португалија, Норвешка, Франција, Египет, Германија, Израел, Иран. Во компетитивниот дел се најдоа и три краткометражни филмови од македонски автори: ПРАШЛИВИ ЦВЕЌИЊА на младиот македонски режисер Мирослав Илиќ, ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА на Јован Саркањац и КАВАЛ на Саша Станишиќ.
Почетокот и крајот на Фестивалот ќе бидат во знак на филмовите од
Ревијалната програма: филм-философија којашто се навраќа на филмски класици во заедничка селекција со гостите, професори и истражувачи, односно оригиналното јадро на Фестивалот. На отворањето на 27-ми мај, ќе биде прикажан влијателниот нем американски филм од 1928-мата ТОЛПАТА (The Crowd), за кој видео вовед со наслов „Sujet et masse dans ‘La Foule’ de King Vidor (1928)“ ќе даде емеритус професоротпо филозофија на Сорбона, Франција, Доминик Шато (Dominique Chateau).Затворањето е резервирано за ХАОТИЧНАТА АНА–(Caótica Ana, 2007) и за излагањето на проф. д-р Маја Мухиќ од Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитет на Југоисточна Европа, со наслов „За Ана и мистиката на жената низ визуелната реторика на Хулио Медеm“.На 28-мај како дел од ФФФ-Doc е превиден македонскиот документарен филм на режисерот Блаже Дулев КЕИФ (2019) и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и автор на сценариото на филмот, „Македонска музичка епистема“. Шпанскиот научно фантастичен филм ЕВА(Eve, 2011)на режисеротКике Маило (Kike Maíllo) е предвиден на 1 јуни. За филмот свое излагање ќе има проф. д-р Владимир Давчев од Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Ева или што ‘гледаат’ роботите кога ќе ги затворат очите“. Францускиот БЕТИ БЛУ (Betty Blue/37° 2 le matin,1986) публиката,заедно со воведното видео излагање на проф. д-р Џон О’Меларка (John ÓMaoilearca)од Кингстон Универзитетот, Велика Британија, со наслов „BETTY BLUE/37° 2 le matin – The Reality of the Superficial“ ќе може да го погледне на 2 јуни.Сите проекции од Ревијалната програма: филм-философија се предвидени да се одржат на отворено, во летното кино „Мирно лето“.
Програмата „Ретроспектива Тарковски“ посветена на еден од највлијателните руски синеасти од советската ера ќе започне на 29-ти мај со студентските филмови на Андреј Тарковски во рамките на Главната програма – УБИЈЦИ (Убийцы,1956) НЕМА ДА ИМА ОТПУШТАЊЕ ДЕНЕС (Сегодня увольнения не будет, 1959) и ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛИНАТА (Каток и скрипка,1960), а ќе продолжи и од 10 до 20 јуни во Кинотеката (Скопје) и киното „Киноверзум“во рамките на МСУ “Гаврило Романович Державин“ (Свети Николе) со проекции на долгометражните ИВАНОВОТО ДЕТСТВО (Иваново детство,1962) , АНДРЕЈ РУБЉОВ (Андрей Рублев,1966), СОЛАРИС (Солярис,1972), ОГЛЕДАЛО (Зеркало,1975), СТАЛКЕР (1979), НОСТАЛГИЈА (Ностальгия,1983) и ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ (Жертвоприношение,1986). За долгометражните филмови воведни видео излагања или излагања со дискусија со публиката ќе имаат нашите гости: проф. д-р Игор Евлампиев (Институт за филозофија при Државниот универзитет на Санкт Петербург, Русија), филмологот д-р Атанас Чупоски, м-р Кирил Трајчев (професор на МСУ „Гаврило Романович Державин“), проф. д-р Славица Србиновска (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), режисерот и филозоф, м-р Стефан Палитов, директорот на Кинотеката на С. Македонија, филмологот Владимир Љ. Ангелов и д-р отец Милан Ѓорѓевиќ (вонреден професор на Православниот богословски факултет во Скопје).
Богатата едукативна програма започна многу и пред официјалниот старт на фестивалот. Од крајот на април досега беа огранизирани неколку онлајн работилници за млади на кои средношколците од СОУ „Кочо Рацин“ – СветиНиколе, ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес можеа да дебатираат на теми инспирирани од различни филмски остварувања.
Дополнително, со огромна радост ви ја најавуваме годинешната Работилница „Фил(м)ософија со деца“ во комбинација со македонската премиера, во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал, на еден од најинтересните анимирани филмови за деца последниве години, ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ (Le Voyage du Prince, 2019) на познатите француски аниматори, Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар (Jean-François Laguionie, Xavier Picard). Филмот ќе биде достапен онлајн меѓу 22 и 29 мај на VoD платформата Cinesquare, а на 29-ти мај, сабота, ќе следува онлајн работилница философија со деца, токму инспирирана од филмот (возрасна група: 10-12 години). За заинтересираните дечиња да можат да бидат дел од оваа програма, неопходно е родителите да ги регистрираат.
На два дена пред стартот на главната програма, на 25-ти мај ќе се одржи и Првата меѓународната конференција „Филозофија и филм“ ко-организирана од Филозофскиот филмски фестивал и Филозофското друштво на Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ и Факултетот за драмски уметности – Скопје.Конференцијата која беше планирана да се одржи минатата година со физичко присуство на учесниците, како дел од јубилејното 10-то издание на Фестивалот, поради Ковид пандемијата беше одложена за оваа година.
Во рамките на онлајн конференцијата ќе учествуваат професори и истражувачи кои доаѓаат од областа на филозофијата и/или филмот од Хрватска, Словенија, Португалија, Србија, Велика Британија, Турција, Македонија, Полска, Холандија, Бугарија, Франција, Грција, Соединетите Американски Држави и Ирска, а коишто ќе ја истражуваат врската меѓу филмот и филозофијата од различни интересни перспективи. Конференцијата ќе биде пренесувана во живо на социјалните мрежи на Фестивалот, а ќе биде отворена и за слушатели коишто ќе сакаат директно да се вклучат во вебинарот, преку Zoom платформата на Фестивалот.
Како дел од Придружната програма и ФФФ-Doc сегментот, на 18 мај 2021 се случи и кино проекција на отворено, под тремот на Музејотна современа уметност на документарниот филм ТЕЛО НА ВИСТИНАТА (Body of Truth) на Евелин Шелс (Evelyn Schels) во најава на Фестивалот. Бројните посетители кои го пополнија целосниот расположлив капацитет имаа можност да уживаат во документарниот филм кој претставува емотивно патување низ биографиите на четири уметници: Марина Абрамовиќ (Marina Abramović), Сигалит Ландау (Sigalit Landau), Катерина Зивердинг (Katharina Sieverding) и Ширин Нешат (Shirin Neshat) и воведот во филмот на д-р Вангел Ноневски, вонреден професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Фестивалот свечено ќе биде отворен на 27-ми мај во 20:00 часот со мини концерт на отворено на џез составот Yordan Kostov Quintet, кој ќе се одржи во дворот на Кинотека на С.Македонија, во летното кино „Мирно лето“. Крајот на 3-ти јуни очекувано ќе биде означен со доделувањето на наградите.
Годинешното жири за долгометражни филмови во состав: Џон О’Меларка (John O’Maoilearca –професор на Катедрата за критички и историски студии на Универзитетот Кингстон во Велика Британија и член на редакцијата на списанието Film-Philosophy);Снежана Младеновска Анѓелков, (м-р по уметности од областана филмската и телевизиската монтажа и наградуван писател); и Слаѓан Пенев, (професор по филозофија и селектор на програмите Европски филмски перспективи и Земја во фокус при Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“),ќе додели „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм. Краткометажното жири во состав: Златко Ѓелески(филмски, музички и книжевен критичар, режисер на краткометражни филмови), Глорија Морано (Gloria Morano од Италија – главен програмер на програмата за млада публика и член на уметничкиот одбор на Luxembourg City Film Festival, селектор на Festival des Cinémas Différents et Expérimentaux во Париз) и Владимир Ѓуровиќ (професор по филозофија, истражувач од областа на реторикатасо фокус на уметноста како средство за масовна комуникација),ќе го додели „Златниот був“ за Најдобар краткометражен филм за 2021 година, како и Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за дебитантски/студентски филм или за филм со социјално ангажирана тема. Покрај наградите од жирито, публиката, исто така, ќе биде во можност да гласа за нејзиниот омилен филм во двете селекции, односно по нејзин избор ќе бидат доделени и наградите „Златен був“ од публиката.
11-то издание на ФФФ се реализира во соработка со Филозофскиот Факултет при УКИМ и Кинотеката на С. Македонија. Институционални покровители се Агенција за филм, Министерство за култура и Град Скопје, а програмите се овозможија и во соработка со ФДУ, ЕФТА, МСУ Державин, Музејот на современа уметност, Cinesquare, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, Францускиот Институт, Италијанската амбасада, Шведска амбасада, Узенгија, Училница, Култура Бета, Горска, Аз-Буки. Медиумски покровители на Фестивалот и оваа година се: ТВ 24 Вести, радио 103, весниците „Нова Македонија “ и „Слободен печат“, како и порталите Окно, Плагиј.ат и Номадс.
Целосната програма наскоро ќе биде достапна на сајот на Филозофскиот филмски фестиал
За повеќе информации посетете ја Интернет страницата на фестивалот www.philosophicalfilmfestival.mk,ФБ страницата Филозофски филмски фестивал или Instagram профилот: philosophical.film.festival.
Линк до официјалниот трејлер на Фестивалот: https://www.youtube.com/watch?v=VKenitEArNs
Comments are closed for this post.