“Light Pillar” е второто издание на ЗЏМ Рекордс и прв авторски албум на Гордан Спасовски, македонскиот џез пијанист, композитор и аранжер.

На албумот се вклучени осум џез композиции, од кои две – соло пијано и еден вокално-инструментален спој во кој Џон Илија Апелгрен се јавува во улога на наратор на поемата “Надвор од времето” од збирката “Преместен камен” на реномираниот македонски поет Никола Маџиров, која остави траг во современите поетски текови. Останатите пет композиции се изведени со неговиот стандарден трио состав – Кирил Туфекчиевски на контрабас и Виктор Филиповски на тапани кои заеднички ја доловуваат автентичноста и виртуозноста на современиот македонски џез призвук. Оваа ритам секција е често застапена на џез сцената и придружува повеќе македонски џез артисти и ансамбли.
Композициите се инспирација од различни временски музички премрежја, доведени во една целина, со ‘светлосниот сноп’ како симбол кој е двигател на неговата музичката креација. Уметничките дела кои се појавуваат на каверот на албумот се со потпис на Кирила Цветковска и Роберт Цветковски. Материјалот е снимен во Knobs keys n’ stuff студио од страна на Бојан Филиповски, додека за микс и мастеринг се погрижи Ангел Ќосев – The Basement studios.
Гордан Спасовски се јавува како целосен композитор, аранжер и продуцент на овој проект. Албумот ќе биде изведен премиерно на 15.05.2021 (Сабота) во склоп на петтото издание на “Today it’s all about jazz” во организација на ЗЏМ, на платото во МКЦ.

Зад себе има бројни настапи на некои од најзначајните европски џез фестивали како што се: Belgrade Jazz Festival, Trieste Loves Jazz – International Jazz Festival, Venezia Jazz Festival, Brasov International Jazz Festival, Skopje Jazz Festival, како и голем број концерти во некои од престижните европски џез клубови како што се: Jazzclub Unterfahrt München, B-flat Jazzclub – Berlin, Blue Note – Osnabrück итн. Има настапувано со следниве значаји музички имиња: Randy Brecker, Sheila Jordan, Don Menza, Владимир Николов, Мартин Ѓаконовски, Џон Илија Апелгрен како и со: Биг Бендот на ЗЏМ, The Backyard Jazz Orchestra, Cuckoo Rack, Гоце Стевковски – Септет, Џијан Емин и Магичниот оркестар, Македонската Филхармонија итн.