По повод стогодишнината од раѓањето на Денис Боувен (1921-2006), значајниот британски уметник и голем пријател на Македонија, денес во „Чифте-амам“, во 13 часот, ќе биде отворена изложба, на која ќе бидат претставени 40 негови дела (шест масла на платно и 34 дела работени во комбинирана техника на хартија). Поради мерките за заштита од ковид-19, на отворањето ќе присуствуваат неколкумина пријатели на Боувен.
– Денис Боувен со својата оригиналност и непосредност, со извонредното чувство за перцепција, уште во годините по Втората светска војна се ослободува од влијанијата на традицијата. Прави голем исчекор градејќи модерен начин на изразување, определувајќи се за апстрактната уметност. Впрочем, 20 век го смета за столетие на технолошки напредок што се одразува и во неговото сликарство преку употребата на нестандардни материјали. Тој беше наш културен амбасадор, кој пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон, човек што неуморно работеше на собирање дела од британски автори за колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје. Боувен беше чест гостин на ликовните колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка, Охрид и зад себе остави стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. Град Скопје за неговата работа му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003 година, која не треба да се сфати само како награда за придонесот што тој го има направено за нашиот град, туку и како македонска награда што му се доделува за пријателството со ликовните уметници, критичарите, поетите, но и со обичните луѓе од Северна Македонија – посочи претседателот на Асоцијацијата за култура – ИКОН, Климе Коробар, во чија сопственост се делата на изложбата што публиката ќе има ретка можност да ги види.

Денис Боувен е роден во 1921 година во Кимберли, Јужна Африка. Студирал сликарство на „Ројал колеџ оф арт“, а по 1940 година предавал во повеќе уметнички школи во Британија. Изложувал на големи национални и интернационални изложби и соработувал со уметнички списанија во Британија и во странство. Во 1954 година бил избран за член на Кралската академија на Камбрија. Тој е еден од првите „ташистички“ сликари во Британијa; влијанијата од Париската школа, футуристите, Кандински и Макс Ернст, како и неговата опсесија со откривањето на просторот понатаму се развиваат во негов сопствен апстрактен стил. Во 1952 година, заедно со други уметници членови на Институтот за современа уметност, Боувен ја основа Групата на слободни сликари и скулптори. Секогаш во центарот на новите идеи и техники и незадоволен од ограничувањата што ги наметнувале постојните галерии, Боувен и неговите колеги ја отвораат „Њу вижн сенр галери“ во 1954 година, како прва галерија посветена на апстрактната уметност. Во 1984 година, заедно со уметниците Џон Белани и Дерек Кули, Боувен ја основа „Келтик вижн“, претставувајќи ги современите уметници од Келтскиот Регион на Ирска, Шкотска, Велс, Корнвол, Британија и Галиција во северозападна Шпанија. Во 1997 година Боувен изложува во „Даорама арт галери“ во Лондон, заедно со Нино Спалоне, Пиндарос Михеладес и Стефан Корт, во чест на „КОСМОПОЛИС – Артист оф д скул оф Лондон“, изложба одржана во 1964 година во „Витворт галери“ во Манчестер. Негови дела се наоѓаат во голем број јавни и во приватни колекции во светот.