Здружението на оштетени штедачи „Правда за штедачи“ веќе подолг временски период се обидува својата борба да ја пренесе не теренот на правото и правната држава. Секако, не само затоа што смета дека тоа е начинот за да успее во својата борба, туку затоа што е со цврсто убедување дека тоа е ЕДИНСТВЕНА можност да се врати довербата во системот, во случајов, финансискиот и банкарскиот. Нашето убедување беше и останува, преку НЕПРАВО НЕ МОЖЕ ДА СЕ СОЗДАДЕ ПРАВО! Затоа, секаде каде здружението се обраќа и секогаш кога настапува од секоја институција бара само едно, ПРИМЕНА НА УСТАВ, ЗАКОН и подзаконски акти, и тоа така како што пишува во нив, без импровизација и без слободна интерпретација. Сѐ е јасно регулирано со уставот, законите и подзаконските акти, само треба тие да се применат, од прв до последен збор. Тоа е она што го бараме, тоа е она за што се залагаме.
Правдата и правната држава се основата на нашата борба, затоа, убедени сме дека ќе успееме. Затоа што ако не биде така, значи дека успеал криминалот. Јавноста мора да биде запознаена со суштината на оваа наша битка која може да се дефинира со само два збора-ПРАВДАТА НАСПРОТИ КРИМИНАЛОТ! Изборот е јасен, лесен, и прифатлив за огромното мнозинство граѓани. Затоа, оваа битка веќе не е само наша, туку ги повикуваме сите граѓани кои ги делат истите вредности да ни се придружат, бидејќи ако успееме ние, успеале и тие! Затоа, ајде заедно да го испратиме криминалот таму каде што му е местото и да го искорениме од институциите на државата. Да му кажеме на секого дека “тоа што си сеел, тоа и ќе си жнее”.
Но, наспроти нашата борба за правда, со жалење мораме да констатираме дека од друга, некоја невидлива страна која, како да доаѓа од подземјето, соочени сме со разни лоби групи, финансиски, бизнис, партиски, политички или којзнае какви се не влијанија за кои правото е само декор што важи за нас, обичните смртници. И тоа важи не така како што пишува, туку така како што нив им одговара. Затоа се сите опструкции на нашата борба, затоа се сите препреки и затоа се сите притисоци. Но, полека, полека сите ја разбираат суштината и го осознаваат нашето најсилно оружје- ВИСТИНАТА. И веруваме дека сите ќе се определат на вистинската страна, на страната на правдата и вистината.
Е, ние од Здружението решивме да кажеме, НЕ, ДОСТА Е! Не може веќе така! Во оваа држава сепак постои устав и закон. Затоа, во пресрет на утрешната седница на Уставниот Суд сакаме повторно да ги охрабриме уставните судии, одлучувајте само врз основа на устав и закон. Не се определувајте за лоби групите кои ви наметнаа некаков “судир на интереси”, затоа што Вашите и нашите вредности се совпаѓаат, ние го бараме тоа што Вие го штитите-уставноста и законитоста. Не бараме ништо друго, ниту сугерираме како да одлучите, затоа што тоа е дел од Вашата работа, но воедно, одлуката не е само Ваша професионална обврска, туку таа е дел од Вашиот морален кодекс и личен дигнитет. Нашата верба е само дека правдата е на наша страна, иако знаеме дека постои моќно банкарско лоби на кое до уставноста и законитоста му е колку до ланскиот снег. Отпорот затоа е силен, дури и релациите се познати и тие имаат допирни точки со, во јавноста познатиот сопственик на Стопанска Банка АД Битола, и неговата поврзаност, за која веќе известивме, со една судијка на Уставниот Суд. И додека Коста Костовски и Трифун Костовски ниту имаат, ниту можат да имаат некаков интерес од Еуростандард банка, бидејќи таа е во стечај, и тие не можат повторно да ја вратат ниту сопственоста врз неа, ниту да направат било што во врска со неа, реален интерес во овој случај можат да имаат само сопствениците на другите банки. Затоа велиме, ние сакаме да ја добиеме битката затоа што сме во право и правдата е на наша страна, но немојте да не предизвикувате со работи за кои не веруваме дека преку нив и на таков начин функционира системот кај нас. Еднаш рековме, и повторуваме, не сме наивни, имаме и дрги адути, но сепак веруваме дека правдата-уставот и законите, се средства за реализација на нашите правата.
Банките нека бидат спокојни, банкарскиот систем како јавен интерес, може само и единствено да биде стабилен доколку се заштитува со владеење на правото. Зарем некој мисли поинаку?, велат во денешното соопштение Здружението на оштетени штедачи „Правда за штедачи“.
Оштетени штедачи од „Еуростандард“: Сакаме да ја добиеме битката затоа што сме во право и правдата е на наша страна
Pressingtv.mk - содржините се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.